Во Штип се издадени 55 решенија на лица позитивни на Ковид-19 за домашно лекување и самоизолација и 169 решенија на лица за здравствен надзор и изолација по однос на контакти, а во Тетово осум решенија за домашно лекување и самоизолација на лица позитивни на коронавирус и 54 решенија за здравствен надзор, соопшти денеска на прес-конференција директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова. Таа истакнаи дека будно се следат кластерите со заразените лица во Штип и Тетово.

– Во Тетово до овој момент има 70 тестирања од планираните 150. Извршени се 100 тестирања, а во тек се уште 485 тестирања на вработени – изјави Сотирова-Бухова.

Во Штип до вчера од планираните 485 тестирања во петте конфекциски фабрики, се завршени 100. Како што посочува Сотирова-Бухова,  бројките се однесуваат на позитивните ажурирани во конфекциите и правните субјекти во овие два града, но не се внесени кластерите во фамилии или другите позитивни лица. Воедно, таа ја демантираше информацијата којашто кружи дека конфекциите во Штип каде што има заразени се уште работат.

– Правните субјекти и текстилните фабрики во Штип покажаа исклучително почитување на протоколите со што веднаш по појавување на еден позитивен вработен престанаа самоиницијативно со работа. Таму се присутни инспектори и се врши тестирање, се земаат брисеви од вработените – рече Сотирова-Бухова.

Директорката на ДСЗИ апелираше до сите лица кои имаат добиено решенија од ДЗСИ исклучително да се придржуваат по препораките во решението и повика МВР да врши контрола дали се почитуваат решенијата. А.Р.