дома Живот Сцена СОЊА ДОЈЧИНОВСКА: Сум напишала повеќе „машки“ песни, сакам  да ја омекнам машката...

СОЊА ДОЈЧИНОВСКА: Сум напишала повеќе „машки“ песни, сакам  да ја омекнам машката тврдокорност!

1060

Гледачите со подобра меморија веднаш ќе се сетат дека станува збор за некогаш препознатливо лице од малите екрани, госпоѓа Соња Дојчиновска, иако оттогаш досега поминаа речиси 15 години. На почеток, накусо да ги потсетиме во кои ТВ проекти  учествувавте своевремено?

-Мојата присутност на ТВ екраните ми се чини толку далечна…како да беше во некој од претходните животи, за потоа мојата следна реинкарнација да биде агажираност со угостителство, ха-ха.Всушност, запловувањето во ТВ водите беше со „Вашите 5 минути“, која што на почетоците ја водев сама, за подоцна да ми се приклучи еден „водител“ што кога јас го напуштив Сител продолжи да ја води сам – и за жал направи лакрдија од проект што можеше да биде не само симпатичен туку и многу успешен. Потоа следуваше МТВ и „Утринско огледало“, па ТВ А1 и емисијата „Версус”, која што беше една од најгледаните емисии, па пак МТВ и еден мој проект што се викаше „Печат”.

Водителството не беше нешто сосема случајно, Вашата сестра Марина Дојчиновска Гарка, позната ТВ новинарка, уште во тоа време го имаше приматот меѓу водителките. Вас, не ве привлече ли доволно магијата на екранот?

-Нешто подоцна се случува и моето вработување во „Македонска Пошта“, па создавање семејство и раѓање на моето прво бисерче Деспина, па Нестор…За да дојдам до прозаичен заклучок дека со водителство не се храни семејство (барем во тоа време), а е професија што бара голема ангажираност и посветеност. Или можеби само не бев доволно трпелива и настојчива, како на пример сестра ми, кој би знаел!?!

Последниве години, Вашето име и Вашиот авторски потпис го прочитавме како текстописец и автор на музика на песни, на неколку фолк фестивали. Станува збор за песни кои победуваа и ја освојуваа публиката, а ги пееја грла како Душко Георгиевски, Наум Петрески и други. Како се случи тоа влез на естрадата, на ваков спонтан начин?

Во 2004 веќе ми се случи првата меана…И се така започна,многу музика, многу убавини, но и макотрпна работа. Се изнаслушав музика – и онаа мевлем на рана и таква од која што крв од уши ти тече. Се изнаслушав и секакви текстови, и можеби токму тоа што сметав дека нашата новокомпонирана музика заслужува повеќе – станав и јас автор. Првата моја песна „Пелин Неда“ ја пееше Душко Георгиевски на Лешочкиот фестивал пред отприлика три години,потоа пак со Дуле освоивме Гранпри на Филиграни со „Бегај, бегај“,па „Барем ноќва“ исто со Дуле. Со Игор Богдановски освоивме трето место на „Филиграните“ следната година. На „Гоце Фест“ пред две години со „Молитва за Егеј“ со Орце Богдановски ја добивме специјалната награда од Здружението на децата бегалци.

И, зошто на пример, не сте понудиле текст на некоја пејачка, да речеме Зуица Лазова, со која сте и пријателка?

-А Зуица? Прв пат годинава дојде во мојот „авторски живот“ со „Дојди“ на минатогодишниот Роса фест, на кој што ја имав и „Без тебе“ со Наум Петрески и „Таткова“ со Гоце Пејковски.

Освен народните текстови, сте се обиделе да напишете и текст за забавна песна?

-Дали ќе биде песната народна или забавна најмногу зависи од аранжманот. Така што, тоа воопшто не е исклучено како можност. Еве на пример „Без тебе“ мислам дека е безгранична кога се жанровите во прашање.

Ако покажавте способности за пишување лириски текстови, создавање мелодија, што е следно – да запеете можеби. Никогаш не е дoцна. Имате ли таков скриен талент?

А, не, благодарам. Многу штетно би било за слухот на моето опкружување и публика.

Ваш семеен бизни е угостителството, во последниве месеци менаџирате еден урбан простор ВИП- база. Од таму ли почнуваат контактите со македонската естрада?

-Да, ВИП База е нашата нова оаза, урбано место како создадено за дружење и опуштање.

Сте се дружеле со многу естрадни ѕвезди. Какви се тие кога настапуваат во ресторан, кога знаат да залеат некоја чашка повеќе, кога ќе се запејат и останувата до рани зори? Има ли меѓу нив некој „роден боем“?

И дружбите продолжуваат, песната се лее од најбисерните и најфилигрански грла. Со гордост можам да истакнам дека нашата меана била расадник за млади пеачи што подоцна станале врвни музички имиња. Да набројам само некој од нив: Влатко Миладиноски, Анастасија Петреска, Димитар Андоновски, Горјан Стојановски, и имале и од кого да учат кај нас биле постојано и музички и приватно присутни Наум, Зуица ,Благица Павловска, Баже Грујовски, Душко Георгиевски. И повеќето од нив станаа наши блиски пријатели, а некој од нив ни се веќе како фамилија. И до ден денес знаеме да си заседнеме мераклиски и да си уживаме во музиката и дружбата со душите распослани на софрата.

Новосоздадената Македонска фолк песна последниве години е фрлена во сенка, во некој втор план. Како да ја „оживееме“, што мислите Вие?

-Нашата естрадна авторска сцена мене ми личи на една мала бара полна со големи крокодили, и тие големите не им дозволуваат на помалите (сигурно полни со освежувања и нови идеи) да запливаат во барата. И уште напливот на Грандовци и Пинковци-класично бомбардирање. Чаре???? Да престанеме да ги храниме веќе добро утовените крокодили и да и дозволиме повеќе на нашата музика да дојде до израз цензурирајќи ги бомбардирањата.

Велат дека најемотивните текстови за песни ги напишале жени, впрочем доказ за тоа во регионов е ненадминливата Марина Туцаковиќ. И недостига ли на македонската сцена една „македонска Марина“?

-Кога мажите би биле чувствени како жените, рајот би бил преселен на земјата (секако чест на исклучоците). А,јас ако направам анализа на моето скромно музичко авторско творештво, некако повеќе сум напишала машки песни. Сакам изгледа да ја омекнам машката тврдокорност?! Ха, ха.