Со два три часа на училиште нема да ги заштитиме децата од корона вирус, а родителите уште помалку ќе се вратат на работа

4236

Пишува: Наташа Доковска

Деновиве се погласно се говори за начините на кои ќе се организира наставата од септември и се погласни се шпекулациите дека настава нема да има. Односно, дека нема да има настава на која што бевме навикнати до сега?!

Прашањата кои се почесто си ги поставуваат родителите е зошто оваа учебна година да не биде он лајн, доколку има ризик од ширење на заразата?

И, што е разликата од настава со скратено времетраење на часот и настава од дома?

Ако е точно дека наставата ќе трае до 10 или 10:30 часот, што ќе правиме со децата по завршување на истата? Или, која е поентата да одат на училиште два часа, а потоа родителите да излегуваат од работа и да се грижат за нив? Шансите да се заразат тие два часа се многу поголеми отколку ако воопшто не одат на училиште, а родителите и на овој и на другиот начин ќе бидат ангажирани со децата…?

Хигиенските услови во училиштата не верувам дека некој ќе може да ги смени на луѓето задолжени за хигиена. Во училиштето, на пример, кај што оди мојата ќерка, хигиеничарката со крпа го брише подот, па ја зема истата крпа и ги забришува клупите на кои децата пишуваат!!! Зарем некој ќе поверува дека таа ќе ги смени нејзините хигиенски навики?!

Да не се лажеме, ние сме далеку од скандинавските држави каде хигиената е пред се. И, затоа таму работат и градинките и училиштата! А кај нас прво треба да се смени менталниот склоп на сите кои работат во образовсниот процес, да се сменат навиките, државата или општините да обезбедат средства за одржување на хигиената, па дури потоа родителите без грижа да ги пуштат децата на училиште. И тоа не во услови на пандемија, туку во нормални услови. Во време на пандемија треба сетоа тоа да е подигнато за неколку нивоа повисоко. Но, кој да го прави тоа?

Од друга страна и родителите не треба по секоја цена да ги пуштаат децата на училиште. Има милион примери во кои детето настинато, со температура, кашла, со бактерија…ама оди на училиште! Едноставно, децата нема кој да им ги чува! Е па, како сега тоа ќе се смени? Никако!!!

Но, додека сите глава удираат во ѕид и се прашуваат како ќе се организираат ако децата учат он лајн, никој ама никој не праша од што ќе учат! И, никој не се одважнува да каже дека печатење книги веќе нема да има. Како што дознава потписникот на овие редови, од оваа учебна година децата ќе учат од лап топ, што најверојатно ќе добие секој ученик, како и у-ес-бе со наставаната програма од одделението кое го следи. Значи по цел ден ќе седат пред лап топ, нема да имаат учебници, тетратки, ниту работни листови…Како ќе научат да пишуваат тоа никој не кажува, но затоа одлучуваат дали децата ќе одат по два часа на училиште или не!

Министерството за образование и луѓето одговорни околу образованието на децата нека се одважат  и нека кажат дека која опција и да ја одберат ќе бара еден родител  да остане дома и да се грижи за децата. Два-три часа на училиште нема да „завршат“ работа, може само да „отворат“ работа по болниците!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.