Цветна врамена слика, цветни цртежи, топки како израз на почит, вчера му беа подарени на фудбалскиот шампион Горан Пандев, во центарот на Скопје, во “Пелистер”. Во името на „Нова Македонија“, најстариот македонски дневен весник и во свое лично име како голема благодарност за неговата мисија и порака, поранешниот македонски кандидат за Нобелова награда, уметник и хуманист, Живко Поповски Цветин, на Горан Пандев му подари свои уметнички дела со цветни мотиви, посветени на капитенот на македонската фудбалска репрезентација.

Уметникот на спортистот му подари врамена уметничка слика со своја и посвета од Редакцијата на „Нова Македонија“, по повод деби-настапот на македонската репрезентација на Европското првенство, му подари 38 минијатури, монографија, и уште четири уметнички слики, меѓу другите и за фудбалските клубови Академија Пандев и Џенова… Во таа пригода Поповски и Пандев заедно пуштија во воздух и 10 балони исполнети со хелиум, кои со себе понесоа уште едно уметничко дело на Поповски со пораката „фудбалот обединува“.

Пандев се заблагодари од срце и изрази надеж дека многу млади ќе тргнат по неговите патеки. В.Ѓ.