дома Култура Литература Со проекција на поетски филмови затворено второто издание на  „Скопскиот поетски фестивал“

Со проекција на поетски филмови затворено второто издание на  „Скопскиот поетски фестивал“

15

Со проекција на 12 поетски филмови во кафе-книжарницата „Буква“ синоќа заврши второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“.

На настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ се прикажаа филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Претходно, пак, на темата „Урбана поезија“ се одржа работилница за креативно пишување поезија за млади на која говореа Сергеј Тимофеев од Латвија, Радмила Петровиќ од Србија,  Владимир Мартиновски и Диме Данов.

– Организацијата на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ беше предизвик, прво затоа што секогаш плановите ни се за една поголема и посериозна програма, со повеќе учесници од странство, што заради недостигот на средства претрпува сериозни компромиси, па си ги спуштаме очекувањата и се надеваме дека тоа што, сепак, ќе успееме да го донесеме за скопската публика ќе е на достојно ниво, и второ, што навистина временските прилики деновиве беа непогодни, па моравме настаните да ги организираме во затворен простор – вели директорката на фестивалот, Јулијана Величковска.

Величковска вели дека фестивалот минал одлично и во однос на квалитет и во однос на посетеност.

– Сепак, и покрај сето тоа, настаните беа бројно посетени, со внимателна и вклучена публика, публика што долго по читањата остануваше на дружба со нас од организацијата и со учесниците. Чувствувам дека фестивалот беше навистина успешен, понудивме квалитетна поезија и од домашни и од странски поети, инаков начин на изведба во придружба на наши познати музичари, имавме и една извонредна изложба на колажи со поезија, но сметам дека почетокот на фестивалот, настанот за млади ‒ „Отскочна даска“, како и вчерашната работилница за креативно пишување и филмските проекции на 12 поетски филмови изработени од четворица млади режисери, беа највпечатливото што можевме програмски да го понудиме. Имаме среќа што многу драги луѓе ја препознаваат нашата заложба, нашата налудничава страст да го подигнеме нивото на книжевните настани во земјата и токму на тие прекрасни луѓе и на нивната помош и поддршка и креативност се должи ова убаво чувство на исполнетост и радост по завршувањето на фестивалот и будењето со мислата ‒ а сега време е да се подготвува следниот! За крај, би сакала да упатам голема благодарност до тимот и до сите пријатели и поддржувачи на фестивалот – додава Величковска.

Фестивалот неофицијално се отвори на 29 август со настанот „Отскочна даска“, на кој учество земаа 13 поети на возраст од 16 до 25 години и на кој Марија Велинова беше избрана да настапи и на официјалното отворање на фестивалот следниот ден.

На отворањето во кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар, поетското читање беше тематско и посветено на битничката генерација, со наслов: „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, при што во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ настапија Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија.

Следната вечер, на интернационалното поетско читање настапија Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

За времетраењето на фестивалот во кафе-книжарницата „Буква“ посетителите можеа да ја разгледаат и изложбата колажи на Валентина Бакти посветени на Скопје: „Сум страдал, ама убаво ми било“.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква“, клуб-ресторанот МКЦ и винарница „Стоби“. Медиумски покровител беше „Нова Македонија“, а „Култура бета“ медиумски партнер.