дома Политика Македонија Спасовски и Димитров: Нема отстапување од процесот за придружување на семејството народи...

Спасовски и Димитров: Нема отстапување од процесот за придружување на семејството народи обединети околу европската идеја

373

Подготвени сме во полн капацитет да ги почнеме и успешно да ги спроведеме преговорите за членство на земјава во Европската унија во најбрз можен рок, порачаа денеска на заедничка прес-конференција премиерот Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, откако вчера Европската комисија ја предаде предлог Преговарачката рамка до Европската унија.

Процесот како што истакнаа Спасовски и Димитров, ќе продолжи со усогласување на преговарачката рамка од сите земји членки, по што ќе се одржи првата меѓувладина конференција.

Европската комисија вчера објави дека е утврден предлогот за Преговарачката рамка и е доставен на одобрување на земјите-членки. Со оваа одлука се потврдува дека нема отстапување од процесот што е утврден. Интеграцијата на нашата земја во ЕУ го добива заслуженото забрзување за да се придружи кон семејството народи обединети околу европската идеја, посочи премиерот Оливер Спасовски.

-Преговарачката рамка на ЕК во рамките на предвидената агенда е уште еден силен доказ дека Северна Македонија прави цврсти и сигурни чекори на својот европски пат. Тој пат носи и обврска за нас уште порешително и суштински да обезбедиме континуитет на реформите, владеењето на правото, економскиот развој, здрава животна средина, европско земјоделство и европски шанси за подобар живот на сите македонски граѓани во сопствената земја. Пред нас се чекори што го забрзуваат целиот процес на европеизацијата на сите сегменти од нашето општество. Процес кој ќе помогне европските стандарди во сите области да ги оствариме и да ги применуваме дома, во нашето општество и во нашето политичко секојдневие – посочи Спасовски.

Во овие три години покрај реформите дома, земјава направи повеќе историски чекори на меѓународен план, според највисоките стандарди на дипломатијата и на меѓународната политика, истакна Спасовски, и додаде дека ги откочивме процесите за двете стратешки определби на нашата земја, НАТО и ЕУ, и, како што рече, ги направивме пресудни остварувањата за само три години, а ретко кој во регионот покажал такви државички перформанси, особено за земја која до 2016 година беше оценета како заробена држава.

– Сакам да се заблагодарам на Хрватска која за време на своето претседателство со ЕУ ја  исполни сопствената агенда токму во овој период, во март оваа година да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство на нашата земја со Европската унија. Од огромно значење е што токму вчера на првиот ден на германското претседателство со ЕУ се утврди преговарачката рамка за Северна Македонија. Убеден сум дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Ангела Меркел преговарачката рамка ќе ја усвојат сите земји членки и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членка со прва меѓувладина конференција, рече Спасовски.

Тој додаде дека Владата е подговена во полн капацитет да ги почнеме и успешно да ги спроведеме преговорите во најбрз можен рок.

-Комисијата ја исполни својата задача, и врз основа на новата методологија предложи преговарачка рамка што е поконкретна, подинамична, поверодостојна која што на земјите членки им дава простор да учествуваат и тие директно со свои експерти во земјите, во преговорите и да учествуваат со контрибуции кон извештаите за напредокот. Уште идната седмица по информации што ги добивме од Брисел, на експертско ниво ќе се отвори првата расправа каде овој документ ќе оди околу масата за први  видувања на земјите членки – истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој посочи дека во разменетите пораки со министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, иако првиот приоритет на германското претседателство е справување со Ковид-19, е посочено дека и за ЕУ е многу важно да има еден ваков успех.

–Ние не може да не се радуваме на чекорите напред по 15 години чекање од 2005 година. Во меѓувреме Хрватска влезе во членство Црна Гора овие денови го отвори и последното поглавје, Србија е длабоко во процесот време е и ние конечно да си ги засукаме ракавите и да го искорстиме овој процес за европските стандарди да си ги донесеме дома – рече Димитров

Како што објасни тој, по усогласување на преговарачката рамка и нејзино усвојување од страна на Советот, односно земјите членки следи првата Меѓувладина конференција што е првиот конкретен чекор и форум за политички и реформски дијалог меѓу нашата земја и ЕУ.

– Првото поглавје што ќе се отвори ќе биде поглавјето, односно сега ги викаме пакети или кластери, за основни вредности, таму е владеењето на правото, таму се фундаменталните права, таму е безбедноста, таму е и финансиската контрола, јавните набавки, статистиката, економските реформи и функционирањето на демократските институции и последно јавната администрација. Се се ова области што се клучни и за нас, и со нетрпение очекуваме да почне овој дијалог меѓу земјите членки. Во меѓувреме ќе ја проучуваме предлог преговарачката рамка. Да ни биде, да ни е со среќа, заклучи Димитров на денешната прес конференција.  А.Р.