Концерт за паметење на светски познатиот ди-џеј Соломун одржан покрај Вечниот оган

Специјален известувач од Сараево: Сунчица Уневска

Дваесет и осмото издание на Сараевскиот филмски фестивал започна со голем огномет, а заврши со спектакуларен концерт покрај Вечниот оган на светски познатиот ди-џеј Соломун. А сето тоа и совршено одговара на овој фестивал кој навистина има неверојатна посетеност, кој во времето на тие осум дена го прави Сараево вистински центар на филмскиот свет, кој понуди дури 235 филма од 62 земји со 51 регионална премиера и кој ги носи етаблираните светски имиња, а ги открива регионалните таленти.

„Сигурно место“ е филм за трагедијата и апсурдите

На 19 август со доделување на наградите во Сараево, беше затворено и ова 28. издание, докажувајќи од година в година, дури и покрај организациските промени, дека се претвора во, не еден од најважните, туку буквално најважен фестивал во овој регион, па дури и во регионот на Источна Европа. Главната награда, „Срцето на Сараево“, за најдобар филм ја освои хрватското деби „Сигурно место“ на Јурај Леротиќ, кој ја потпишува режијата и сценариото. Едноставно, не можеше а да не остави впечаток еден ваков филм направен од срце, во кој Леротиќ всушност зборува за вистинска ситуација, додека тој и неговата мајка се обидувале да го спасат брат му кој сака да се самоубие.

Наградените на 28. Сараевски филмски фестивал, каде главната награда ја доби Јурај Леротиќ од Хрватска, за филмот што ги допре сите

Настаните се случуваат во период од 24 часа, во кои Леротиќ навистина успева на толку едноставен, но реален и вистински начин да го прикаже нивниот очај и сите можни обиди за да му помогнат на Дамир, но и без никаква осуда или агресија, да проговори за системот, за неговата безживотност и неодговорност, за системот кој нема никакво чувство за страдањето на луѓето. Филмот е тежок за следење особено што знаете дека сето тоа е вистина која се случува тука пред вас, пред очите на сите, а сепак сте немоќни. Овој филм точно пред да почне Сараевскиот фестивал беше прикажан во Локарно, каде што освои три награди, а во Сараево доби уште едно признание, за главната улога која исто така ја игра режисерот, Јурај Леротиќ. Иако, би се согласила со Локарно, дека Леротиќ заслужува награда за својата режија и дека важи за еден од режисерите во подем, бидејќи во Сараево имаше доста добри филмови и улоги кои е штета што не добија признание, особено романскиот актер од филмот „Човек од дела“, Јулиан Постелнику. А така беше и со женската улога, но да одиме со ред.

Украина во фокусот

Секако, се знаеше дека награда ќе добие и некој од украинските филмови, па така жирито во кое беа австрискиот режисер, Себастијан Меисе, израелскиот продуцент, Катриел Шори, како и српскиот актер, Милан Мариќ, Наградата за режија и ја доделија на Марина Ер Горбах за филмот „Клондике“. Се работи за филм во кој една брачна двојка која живее во Доњецк и која очекува бебе, се судира со силната напнатост во регионот во 2014 година кога ќе биде урнат еден малезиски авион. Ер Горбах успешно говори не само за личните стории, туку и за тоа колку ваквите состојби умеат да го поделат семејството и да создадат непријатели помеѓу луѓето кои до вчера живееле заедно. Сомневањето е ужасно кога ќе се вовлече некаде таму без и да забележите, додека секој се обидува да го пронајде животот онаму каде што сè помалку е возможно нормално да се живее.

Сергеј Лозница со Срцето на Сараево

Целиот фестивал беше во голема мерка во знакот на поддршка на Украина, а освен филмовите кои беа прикажани во сите програми, тука беше и големата посвета на еден од најинтересните украински автори и, воопшто, автори на денешнината, Сергеј Лозница. Неговите филмови привлекуваа огромно внимание, а особено разговорите со него, бидејќи се работи за човек за кого филмот е животот и кој толку искрено архивира сè што се однесува на неговата земја, не заборавајќи ги сите можни последици за народот, но и нивниот отпор во ненормални услови. Лозница е човек кој го воспева отпорот на својот народ и докрај верува дека, дури и покрај тоа „што крајот на војната не зависи од нив туку од Западот“, сепак, нивната приказна и понатаму се испишува токму благодарејќи на тој дух и верба на народот без оглед на целиот ужас со кој се опкружени.

Штета што без награда остана Марија Пикиќ за „Балада“

Вики Крипс беше наградена и во Кан за улогата на австриската царица Елизабета

Но, да се вратиме на наградите. „Срцето на Сараево“ за главна женска улога отиде кај Вики Крипс за изведбата на австриската царица Елизабета позната како Сиси, во филмот насловен „Корсет“, а во режија на Мари Кројцер од Австрија. Вики Крипс веќе беше наградена во Кан за оваа улога, во програмата „Извесен поглед“, во која беше прикажан филмот. Приказната за Сиси е секако интересна, а исто така помалку познато е веројатно дека таа еден период живеела и на Крф, но сепак, би рекла дека е штета што наградата и беше доделена неа, бидејќи имаше извонредни улоги во регионалните филмови кои требаше да

Марија Пикиќ имаше супериорна улога во босанскиот филм „Балада“, штета што остана без награда

бидат наградени, а посебно би ја издвоила улогата на Марија Пикиќ во босанскиот филм „Балада“. Мислам дека ова е токму местото каде што овие актери и нивната умешност треба да биде наградена и издвоена, а не улога која добила награда во Кан. Штета, но тоа е.

За најдобар долгометражен документарен филм беше прогласен српскиот „Музејот на револуцијата“, во кој режисерот Срѓан Кеча прави паралела за музејот кој во 1960-тите требаше да биде посветен на социјалистичка Југославија и животот денес во неговите урнатини и во времето на капитализмот. А за најдобар краток документарен филм, наградата ја доби косовскиот „Ние,… композиција“ на Висар Јусуфи, кој се обидува во сето лудило на современото живеење да проговори за сонувањето.

Награден филмот на Самир Љума и Валентин Стејскал

За најдобар краток филм кој е и квалификационен филм за номинација за наградата „Оскар“, беше прогласен унгарскиот „Наопаку“ на Балаж Тураи, но она што е особено интересно за нас, е Специјалната награда на жирито за филмот „Во пет попладне покрај море“ на Валентин Стејскал. Овој филм во кој еден од продуцентите е нашиот Самир

„Во пет попладне покрај море“ доби Специјално признание, но Македонија не го препозна овој филм, кој веќе беше на најважните фестивали

Љума, кој ја потпишува и фотографијата, а монтажата е на Мартин Иванов и кој имаше поддршка уште за време на подготовките, во Македонија не беше препознаен и беше одбиен од Агенцијата за филм. Подоцна филмот ја доби поддршката на Грција и сега се води како грчко-австриски филм, кој постигна голем успех, беше на најпознатите фестивали во Клермон-Феран, во Палм Спрингс, во Драма во Грција, а на „Дијагонале“ во Австрија ја освои и главната награда. Македонија повторно пропушти шанса иако во филмот има македонски авторски кредити и иако можеше како копродуцент да застане зад овој филм, чие дејствие се одигрува на плажите во Грција каде што ќе се сретнат по многу години, уште од воените денови, двајца поранешни љубовници.

Инаку, во Сараево се доделуваат и Наградата за човечки права, која ја доби хрватскиот „Поголемо од траума“ на Ведрана Прибачиќ, филм кој се осврнува на последиците од војната преку приказните на жените кои преживеале мачење и силување, и Наградата за промовирање на родова еднаквост, која отиде кај британскиот „По сончањето“ на Шарлот Велс, за ќерката и таткото и за тоа што таа за него знаела или не знаела. Годинава во Сараево се чини беа доделени најмнигу почесни „Срца на Сараево“, да потсетиме дека нив ги добија: Рубен Естлунд, Сергеј Лозница, Медс Микелсен, но кое му беше доделно пред две години, а сега го прими, па Џеси Ајсенберг, а американскиот култен режисер и сценарист, Пол Шредер, сепак го откажа доаѓањето. Како и да е, Сараево докажа дека е центар на филмот и дека тоа навистина го заслужува.