Валентина Ѓоргиевска Парго

Насмеани и весели деца, ученици, наставници и директорки од општинските скопски училишта, пред општина Бутел, денеска го славеа доаѓањето и предавањето на Мироцветната штафета, насликана од Живко Поповски Цветин, која му ја предадоа на градоначалникот Велимир Смилевски, покровител на манифестацијата.

По идеја и дело на овој познат цветен уметник, хуманист, и на Лилјана Гаџовска од оваа општина, како наставничката Лилјана Атанасовска уметникот наслика висок 8 метарски, широк половина метар цветен столб во училиштето “Живко Брајковски”, а потоа Мироцветна штафета со пораки за мир и човекољубието, кружеше низ повеќе училишта во Македонија, како олицетворение на неговата порака: “На светот му се потребни: мир, храна, солидарност, љубов…“

Пролетта беше активен период за уметникот, и откако одржа низа средби и цртања со учениците денеска се одржа завршното дефиле, и приредба подготвена од учениците од ООу “Живко Брајковски” , “Гоце Делчев”, “Св. Климент Охридски” , “Ацо Шопов”, “Лиман Каба”, “Панајот Гиновски”, “Петар Здравковски Пенко” и детска градинка “11 октомври”, вкупно седум основни и една детска градинка од општина Бутел.

Штафетата пред тоа имаше свој пат и во ООУ “Крсте Петков Мисирков” с. Бистрица и с.Оптичари, во Ооу ,,Елпида Караманди” и детска градинка “25 мај” во Битола, во Ооу ,,Браќа Миладиновци” во с.Жван, Ооу ,, Даме Груев” с. Смилево и Ооу ,,Гоце Делчев” во Демир Хисар, во “Свети Климент Охридски” Охрид и Ооу ,,Св. Наум Охридски” во село Долно Коњско.

На денешната приредба покрај веселите дечиња, присуствуваа и Томислав Башевски, велосипедист, новинар, кој пак Мироцветната велосипедска штафета ја носел во Гостивар, Тетово, Кучково на крстот, Водно, Нерези, Орман, Љуботен, Радишани и на многу други дестинации, како и легендарниот шампион во шах Димитар Илиевски.

На крај на оваа манифестација со весел детски џагор, беа пуштени 16 балони, колку што години слави оваа општина, денеска.

Цветната штафета својот пат ќе го продолжи од наесен.

Инаку, Цветин во овој период одржува низа одбележувања по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески, а во пошироко рамки овој наш уметник е познат по тоа што досега дарувал над 55 000 слики „Цвеќе на мирот“ а, негови слики се наоѓаат во колекциите на познати светски лидери, државници, политичари, поети, музичари, нобеловци, студенти и ученици, артисти, спортисти и разни хуманитарни организации и здруженија и беше наш кандидат за Нобелова награда за мир.