Лекот против маларија хидроксихлорокин, кој американскиот претседател Доналд Трамп вели дека го зема, е поврзан со зголемен ризик од смрт кај пациенти со ковид-19, покажа студијата објавена во медицинскиот журнал „Лансет“.

Студијата која следеше над 96.000 луѓе хоспитализирани за ковид-19, покажа дека луѓето кои биле третирани со тој лек, или сроден со хлорокин, имаат поголем ризик од смрт во однос на оние кои не ја примиле таа терапија, пренесува Ројтерс.

Авторите на студијата изјавиле дека не можат да потврдат дека земањето на лекот има позитивно влијание кај пациенти со коронавирус.

Побарувачката за хидроксихлорохин, лек одобрен пред неколку децении, се зголеми откако Трамп го воведе во почетокот на април како лек за лекување на коронавирус.

Претходно оваа недела, Трамп го изненади светот признавајќи дека го зема како превентивен лек, потсетува Ројтерс. А.Р.