Од последиците на зараза со супербактерии отпорни на бројни познати антибиотици секоја година умираат околу 33.000 Европејци, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), во чиј извештај се наведува дека последиците од овие болести се споредливи со последиците на смртни случаи од грип, туберкулоза и ХИВ заедно.

Анализата на ЕЦДЦ покажа дека од 2007 година бројот на инфекции со отпорни супербактерии порасна, а евидентирани се и бројни случаи на бактерии отпорни дури и на најмоќните антибиотици од групата на карбапенем (ЦРЕ). Ова се опасни и тешки за лечење инфекции со ентеробактерии, отпорни на овој вид на антибиотик кај хоспитализираните пациенти.

Карбапенемите се бета-лактамски антибиотици со широк спектар на делување и често се последна линија на одбрана кај повеќекратно отпорните бактерии. Токму затоа ЦРЕ се отпорни на речиси сите антибиотици во клиничка пракса и затоа не е изненадувачка високата стапка на смртност кај пациенти кои имаат вакви бактерии присутни во крвта.

„Податоците се загрижувачки, бидејќи споменатите антибиотици се последна линија на одбрана кај повеќекратно отпорните бактерии“, се вели во соопштението на ЕЦДЦ. „Кога и овие антибиотици ќе престанат да бидат ефикасни, многу е тешко, а во многу случаи е невозможно да се лекуваат инфекциите“.

Експертите проценуваат дека околу 70 проценти од бактериите кои предизвикуваат инфекции се веќе отпорни на најмалку еден антибиотик кој обично се користи во нивното лечење. Студијата а ЕЦДЦ, чии резултати беа објавени во стручното списание „Лансет заразни болести“, се фокусираше на пет видови на инфекции кои се предизвикани од бактерии отпорни на познати антибиотици во ЕУ и ЕЕА.

Утврдено е дека во 75% од случаите, се работи за т.н. болнички инфекции. Супербактериите брзо се шират поради прекумерната употреба на антибиотици на одделите за интензивна нега, каде што пациентите се најболни, па и најмоќните лекови се пропишуваат рутински.

„Стратегија за спречување и контрола над  бактериите отпорни на антибиотици бара координирана активност на ЕУ и ЕЕА на глобално ниво“, се вели во извештајот и се додава дека, со оглед на варијациите во бројот на случаи и видови на бактерии отпорни на антибиотици во земјите на ЕУ, превенцијата и контролата мора да бидат прилагодени на ситуацијата во одредена земја.

Лесната достапност, препишување без соодветна индикација и прекумерна употреба на антибиотиците во земјоделството предизвикаа појава и ширење на отпорни бактериски видови.

Денес многу бактерии во својот геном содржат поголем број на гени за резистентност и се отпорни на неколку различни класи на антибиотици. Во исто време одредени причинители во не толку далечна иднина би можеле да станат отпорни на сите достапни антимикробни лекови, поради што многу експерти предупредуваат дека се приближуваме на т.н.. постантибиотска ера.