„Авалон продукција“ соопшти дека најголемиот регионален настан на електронска музика ова лето ќе се случи во Скопје со најголемата и најконзистентна ѕвезда на електронската музика на сите времиња- Тиесто.

Тој доаѓа во Скопје на 16-ти јуни на стадионот на АРМ, поголем од било кога досега и неговиот настап е ексклузивен, ако се земе во предвид дека последниве неколку години настапува или во Америка или само на големи фестивали какви што се „Ultra Music“ и „Tomorrowland“.

-Мораме да признаеме дека за да го релизираме ова гостување ги искористивме емоциите на Тиесто и Скопје коишто беа видливо искажани на неговите два настапа во наша организација пред околу 15 години, кога електронската музика не беше ни приближно популарна и масовно прифатена како што е сега – велат од Авалон.

На светската музичка сцена Тиесто важи за многу повеќе од диџеј и продуцент, статус што го заслужи уривајќи ги сите рекорди за секое негово издание. Тиесто е единствениот артист кој гордо и заслужено во последниве неколку години ги носи титулите, „The Pope of EDM“ и  „The greatest DJ of all time“, според магазинот Mixmag, „No. 1 DJ“ според магазинот Rolling Stone и „The Godfather of EDM“ според Billboard.

-Се разбира дека настапот на Тиесто ќе биде проследен со светска продукција, звук и светло и се разбира дека сме горди што македонската и регионалната публика ќе уживаат во многуте негови хитови, меѓу кои и: „The Business“, „The Motto“, „Don`t be shy“, „BOOM“, „Ritual“, „Secrets“ и уште многу други – додаваат организаторите.

Влезниците за овој ексклузивен настан кој ќе биде со ограничен капацитет ќе бидат пуштени во продажба од утре, 18-ти февруари во 09 часот наутро преку продажната мрежа на Авалон низ Македонија и онлајн на avalon.mk по следниве цени и категории: ПАРТЕР: 1.500 денари, ФАН ПИТ: 2.000 денари (само  1.000 влезници во продажба), ВИП: 3.000 денари (само 300 влезници).