Со Тони почна, со Тони ќе заврши 37-миот Скопски џез фестивал. Имено, маестро Тони Китановски вечерва ќе одржи концерт во МОБ (20 часот) со кој ќе бидат спуштени завесите на фестивалот. А, патем најавен како најпривлечен од сите 12 годинашни концерти за македонската публика, затоа што ретко на оваа интернационална и космополитска манифестација во официјална програма влегува македонски уметник, рамо до рамо со светски музичари и легенди, и затоа што станува збор за еден од најврвните македонски интернационални музичари, ценет во земјава и многу пошироко.

Дополнителен предизвик за публика е што во знак неговите 30 години занимавање со музика и самиот концерт е насловен “30 години во музиката”. “Панда 5 ” носи име неговиот (нов) квинтет, а нивниот албум “Big city scare”, во понеделникот,15 октомври, СЏФ во “Менада” го претстави пред љубителите на џезот.

А, синоќа во рамките на СЏФ (18-21.10), во МОБ настапи данската саксофонистка Мете Расмусен, во чиј настап влета и легендарниот гитарист Турстон Мур (кого го слушнавме вечер пред тоа во МКЦ). Мете рече дека и е драго што го сретнала својот пријател и го покани со неа, да и биде гостин на сцена. А тој па, со своите “чудни гитарски громови”, но овој пат за разлика од претходната вечер стишани, беше пријатно изненадување за присутните. Следно на сцената перформансот на норвежанките “Трондем војсес”, на интеракција на пејачките со публиката, амбиентот и новата технологија, но тоа на некои посетители им прозвучи прилично ” мрачно” па си заминаа од салата. Концертот го затвори настапот на Сузан Сантос Силва, Ав Варс и Мамид Дрејк. Во денсинг салата на МКЦ по полноќ настапија данците Моро.

Во холот на МОБ се е во знакот на спонзорите- пред големото пано на Катар ејвејс се фотографираат, пред скалите младиот Славко Ѓоргиев на сакс им исполнува музички желби и за секоја споделена фотографија со него на фб хостесите ве почестуваат со шише вино Тиквеш, во сепарето на Т -мобиле може да се преслушаат новите песни на Ристо Солунчев, на влезот да се напијат пиво од Прилепска пиварница, на импровизиран и богат штанд може да се купат изданијата на сите настапувачи по поволна цена, а синоќа екстра задоволство беше присуството на легендарниот настапувач Вадада Лео Смит, кој се фотографираше и разменуваше по некој срдечен збор со своите обожаватели. Нам ни рече дека ужива во престојот овде, најмногу во убавата храна и дека пак ќе ни се врати.