Истражниот комитет на Русија ја потврди смртта на 56 лица, вклучувајќи и многу деца, во пожар што зафати трговски центар во рускиот град Кемерово, рече официјалниот претставник на ИК Светлана Петренко. Четириесет и четири лица се повредени, а 30 лица се водат за исчезнати, објави Ројтерс.

– За време на истрагата по кривичниот предмет пожар во трговскиот центар во Кемерово, потврдена е смрт на 56 лица – рече Петренкова.

– Од избувнувањето на пожарот 44 лица се обратиле до медицински установи за помош, од кои 10 се задржани – додаде таа.

Пожарот во трговскиот центар во Кемерово избувна на четвртиот кат, со кино и детски забавен центар и зафати околу 1.600 квадратни метри. Центарот „Зимњаја вишна“ (Зимска вишна) е простира на 23.000 квадратни метри и е отворен во 2013 година. Покрај кино, содржи продавници, куглана, детски центар и градина за животни.

Пет лица кои се сметаа за исчезнати се пронајдени. Сепак, сé уште има голем број исчезнати лица по кои се трага. Детскиот омбудсман Ана Кузњецова изјави дека до трагедијата дошло поради небрежност.

– Причината е небрежност. Сите стандарди се пропишани. Сепак, односот кон безбедносните стандарди е катастрофална причина за несреќите на кои сме сведоци денес  – рече таа.

Започната е кривична истрага.