Транспарентноста е огледало на нивото на демократија во една држава

Здравко Остојиќ, академски музичар, автор

38

Демократија не подразбира дека сите оние на раководни позиции може слободно да си практикуваат секакви самоволија и да си крадат до мила волја, а при тоа не бидат судски оптужени, приведени и осудени. Туку, демократијата значи донесување закони без дупки и нивно активно спроведување и совесно почитување од страна на сите, а особено од раководечките органи, како и обезбедување на реални услови за највисоко ниво на транспарентност во сите национални сфери.

Целта на демократијата е секој граѓанин да има подеднаква шанса за можен успех со својот талент и чесен труд во законски рамки, и ако во дејноста со која се занимава задоволи одредени критериуми за квалитет, без никакви местенки и злоупотреби. За жал, нетранспарентноста со која со децении се соочуваме како главна пречка во Македонија е огледало на крајно ниското ниво на демократија која ја имаме во државава. Нетранспарентност практично значи корумпираност. Раководителите не смеат да нѝ бидат дволични личности и крадци, туку чесни, совесни луѓе и визионери. Раководителите треба да бидат пожртвувани за народот и државата, а не пак тие секогаш да ги жртвуваат народот и државата.

Народот веќе не треба да замижува пред ваквата уназадувачка и деградирачка појава, и крајно време е да реагира и делува. Ако понатаму премолчуваме, сите овие лоши текови ќе си продолжат до недоглед. Ако не се сплотиме и ако едни на другите не си помогнеме, нема ветување кое може да нѐ спаси. Народот треба да биде исклучително јасен, како едни раководители треба, а како не можат да постапуваат. Не се претставуваат самите себеси, туку тие се претставници на народот. Нивната функција не е да ја спроведуваат својата, туку народната волја. Тие треба да се ликот и образот на државата. Ако тие немаат образ, што понатаму да се зборува? Нема веќе ни време, ниту простор за било каква двосмисленост.

Јасниот заклучок е дека сегашната нетранспарентност која активно се случува речиси во сите сфери на современото наше живеење, наликува повеќе на некој чуден облик на нецивилизираност, особено во начинот на националното институционално раководење. Корумпираните раководители треба да одговараат пред законот и пред народот, бидејќи нема корумпираните и корупцијата, туку единствено визионерите и само транспарентноста може да нѐ одведат кон подобро утре и посветла иднина. Ако тоа е нашата цел, тогаш транспарентноста треба да биде главен национален акт, и да се спроведе искоренување на корупцијата од секоја раководна функција во државата.