Пишува: Сунчица Уневска

Дваесет и осмото издание на Сараевскиот филмски фестивал носи плејада извонредни филмски автори, култни имиња без оглед на возраста или големината на опусот. Едноставно, нивните дела се култни без оглед дали се направени пред 50 или пред само пет години. Доволно е да ги споменеме режисерот и сценарист Пол Шредер (сценарист на „Таксист“ и „Разјарениот бик“, и режисер на „Американски жиголо“ и „Луѓе мачки“), потоа шведскиот режисер и монтажер Рубен Естлунд, кој направи бум во само десетина години со „Ненамерно“, „Турист“, „Квадрат“, а сега и со „Триаголник на тагата“, па израелскиот режисер, сценарист и композитор Ари Фолман, најпознат по

На култниот режисер и сценарист, Пол Шредер, кој ги напиша „Таксист“ и „Разјарениот бик“, ќе му биде врачено „Срцето на Сараево“ на 13 август

„Валцер со Башир“, но и „Конгрес“, а од таму тргна и светски познатата серија „На терапија“, или украинскиот режисер кој ги направи: „Во магла“, „Донбас“, „Мајдан“, „Нежно суштество“, „Баби Јар…“. Мора да се каже дека благодарение на извонредниот концепт на фестивалот, да биде отскочна штица за регионалната програма, и се разбира, начинот на кој е воден сите овие години, му овозможија да порасне и да може да биде рамо до рамо со најголемите светски фестивали, а сепак да остане посветен на филмовите од Југоисточна Европа, што очигледно не е воопшто пречка за да ги донесе најголемите светски филмски имиња. Секоја чест.

Вистински концепт – гаранција за успех

Оваа година фестивалот во Сараево, кој ќе се одржи од 12 до 19 август, ќе донесе 235 филма од 62 земји, распоредени во 19 програми. Да стигнете до нивото да имате 51 премиера на филмови од регионот, е неверојатен успех, затоа што овој фестивал беше единствениот кој го препозна потенцијалот зад кој треба да застане и ја најде формулата како светот да го донесе во Сараево. За разлика, на пример, од многу други фестивали, меѓу кои и нашите, кои само гледаат да ги селектираат победниците од познатите фестивали, што ги прави неинтересни бидејќи филмовите што одат на најголемите фестивали, сите веќе ги виделе. Ниту е битно да ги видат, а уште помалку е битно дали покрај мноштвото признанија, ќе добијат уште некоја награда која многу често немаат време да ја примат. Но, ете, многу фестивали и понатаму своите неинвентивни програми ги прават на тој начин, стоејќи во место и не ни обидувајќи се да си го следат својот концепт, без оглед колку тој и да е оригинален…

Во трка за „Срцето на Сараево“ се и босанскиот „Балада“ на Аида Бегиќ и словенечкиот „Јавачи“ на Доминик Менцеј

Како и да е, да се вратиме на Сараево. Главната програма на долгометражни играни филмови, кои ќе се борат за „Срцето на Сараево“, се состои од осум филма што доаѓаат од: Хрватска, од Словенија и Босна и Херцеговина, по еден од Романија, Унгарија и Украина, а два се од Австрија. Додека, темите во кои се осврнуваат главно на актуелните настани, се занимаваат со предрасудите, со соочувањето со минатото, со толку присутните поделби поради бесмислените војни што беснеат, па се до верниците и секогаш актуелната тема за гревовите. Македонија нема филм во оваа програма, но има во Документарната, која под водството на Рада Шешиќ вклучува дури 22 филма, од кои, како што самата вели, многумина се дебитанти, а има и голем број жени-авторки.

„Повлекување“ единствен претставник од Македонија

Документарецот „Повлекување“ на Анабела Ангеловска е единствен македонски филм во трка за награда

Всушност, овој 30-минутен филм се води како македонски иако е повеќе германски, но режисерката Анабела Ангеловска, која живее во Хамбург, е од Македонија, а и третира тема врзана за Македонија. „Повлекување“ ја имаше својата светска премиера во Берлин, а во Сараево ќе има меѓународна премиера. Станува збор за оние млади македонски мажи и жени што во текот на изминативе дваесет години беа регрутирани во кујните и пералните во американските воени бази во Авганистан и во Ирак. Имено, како што пишува во описот на филмот, тој ги истражжува сложените врски поради далечните и апстрактни војни, осврнувајќи се на цената на миграцијата и на она што се губи и добива поради долготрајните политички и економски кризи.

Во најпопуларната програма „Open Air“, која вообичаено се одржува во големото отворено кино „Кока кола“, во кое годинава беше поставено најголемото филмско платно во регионот, ќе се прикажуваат главно филмовите на добитниците на почесните признанија. Така, во чест на Пол Шредер ќе може да се види филмот „Коцкар“ од 2021, во кој главна улога игра Оскар Исак, а беше прикажан во Венеција, во чест на Естлунд, пак, ќе се прикаже годинешниот победник во Кан, „Триаголник на тагата“, со кој впрочем и ќе се отвори 28. Сараевски филмски фестивал. Ќе може да се види и филмот „Лов“, затоа што данскиот актер, Медс Микелсен, ќе го прими почесното „Срце на Сараево“, кое му беше доделено 2020, но поради короната на беше дојден, потоа филмот „Откако ќе го спасиш светот“ на Џеси Ајсенберг, кој заедно со Лозница и Шредер, исто така, ќе го добие почесното „срце“, но ќе може да се види и новото остварување на секогаш виртуозните браќа Дарден, „Тори и Локита“.

Посебен фокус на Украина

На отворањето на фестивалот почест ќе му биде направена и на украинскиот режисер Сергеј Лозница

Во програмата „Фокус“ повторно се најдобрите остварувања во изминатата година од регионалната кинематографија, па меѓу останатите, тука се и: „Магнетна резонанца“ на Кристијан Мунгиу и „Римини“ на Улрих Зајдл, кои неодамна триумфираа и на фестивалот во Палиќ, потоа „Страхиња Бановиќ“ на Стефан Арсениевиќ, унгарскиот „Нежно“, украинскиот „Визија на пеперутката“, особено што во регионалната кинематографија од оваа година влезе и Украина. На Украина ќе и биде ставен посебен фокус, а за Сергеј Лозница, кој ќе го добие почесното „Срце на Сараево“ на самото отворање, е резервирана и програмата „Посветено“, во чии рамки е предвидена ретроспектива на неговите филмови. Од оваа година, после толку изданија, повеќе не е директор на фестивалот Мирсад Пуриватра, туку младиот Јован Марјановиќ, но Сараево си ја продолжува својата успешна формула веќе уривајќи рекорд со онлајн продажбата, а започнаа и редиците пред главната билетарница. Сараево, традиционално, ако не се отвори со домашен, тогаш со босански филм ќе се затвори, а кој друг ако не Пјер Жалица и неговиот „Празник на трудот“. Но, да почекаме, бидејќи Сараевскиот фестивал допрва почнува.