Јан Кучиак (27) словачки истражувачки новинар кој известуваше за даночна измама на деловни луѓе поврзани со владејачката партија, е пронајден мртов во својот дом. Кучиак засега непознато лице го убило со еден куршум во градите, додека неговата девојка Мартина Кушнирова добила куршум во главата. Тие биле пронајдени откако полицијата била алармирана од нивните роднини, загрижени поради тоа што не се јавувале седум дена.

Трагите на местото на настанот укажуваат дека девојката се обидела да се скрие од убиецот, кој се вели дека е професионалец, а за какви било информации за него, распишана е награда од еден милион евра.

– Врз основа на достапните информации се чини дека најверојатно мотивот е поврзан со истражувачката работа на новинарот  – рекол пред словачката полиција Тибор Гаспар во изјава за новинарите.

Последната приказна на Кучиак објавена на 9 февруари се однесувала на сомнителни трансакции на компании поврзани со бизнисменот Маријан Кочнер, а се однесувала на луксузен станбен комплекс во Братислава кој минатата година се најде во центарот на политички скандал. Кочнер во понеделникот не беше достапен за коментар.

Спорот околу овој станбен комплекс во 2017 година предизвика протести и повици за оставка на министерот за внатрешни работи Роберт Калинак поради соработка со градежниот претприемач Ладислав Бастернак, кој е под истрага за можни даночни измами. И двајцата негираа сè.
Словачките лидери го осудија убиството.

“Треба да ги пронајдеме оние што го направиле тоа што е можно побргу и да ја осигураме безбедноста на сите новинари, користејќи ги сите ресурси што ги имаме”, рече претседателот Андреј Киска.

Премиерот Роберт Фико свика вонреден состанок со министерот за внатрешни работи Калинак, главниот државен обвинител, главниот полициски управник и директорот на разузнавачката служба.

– Ако е докаже дека убиството на истражувачкиот новинар е поврзано со неговата работа, тоа би било незапаметен напад врз слободата на говорот и демократијата во Словачка – рече премиерот Фико.