Од Софија за ТЕХТ.МК, Наташа Доковска

Веќе неколку дена тема број еден во Бугарија е водната криза во Перник, каде граѓаните се соочуваат со недостаток на питка вода и за каде се најавува дека рестрикции во пристапот на вода ќе има уште најмалку наредните пет месеци. Но, пикот на кризата се одигруваше вчера, кога на очиглед на целата бугарска јавност од неговиот кабинет во Минситерството за животна средина беше приведен ресорниот министер, Нено Димов. Првата информација која беше споделена на бугарските медиуми беше дека тој е на распит и ќе биде задржан 24 часа, за да веќе денеска споделат нова информација во која се вели дека останува во притворското одделение и наредните 72 часа.

Бугарското обвинителство  покрена процес против Димов по објавуавњето на истражувачката сторија на новинарката Валија Ахчиева под наслов „Водата на Перник – лагата снимена од сателит“. Oбвинителствоto го обвини министерот за заштита на животната средина и вода, Нено Димов дека намерно лошо раководел со кризата настаната заради рестрикциите со вода во градот Перник, на западот од Бугарија. Според обвинителството Димов во периодот од 1 јануари 2018 до 17 ноември минатата година потпишувал штетни договори со неколку компании за непланско користење на водата од браната и нејзино намерно сушење од која Перник и околните села се снабдуваат со вода. Во обвинителниот акт кон него се вели дека Димов не превзел никаква акција за да го спречи овој процес, иако примал бројни предупредувања и извештаи за намалување на нивото на водата. Според обвинителите со недомаќинското водење на овој случај тој ја оштетил државата за 11,8 милиони лева.

-Околу 97.000 жители нема да имаат нормален пристап до вода за пиење во следните пет месеци. Тоа е најголемата штета, изјави главниот обвинител Ангел Канев и додаде дека Димов дозволил индустриските корисници да се снабдуваат со вода од браната иако уште во 2018 година бил информиран дека нивото на водата почнало да опаѓа.

Инфраструктурата за снабдување на Перник со вода не е обновена повеќе од 50 години заради што градот има загуби од 70 отсто од водата за пиење.

Информација со која горе-доле граѓаните на Бугарија веќе беа запознати и извесен период бараа оставка од министерот. Но, утрово како бомба одекна веста дека истрагата е проширена на уште едно дело – увозот на смет во Бугарија, главно од Италија. Истовремено и италијанските власти исто така ја испитуваат шемата според која Бугарија увезува ѓубре од Италија, наводно, да биде запалено во електрани. И додека тоа се случува, Бугарија доживува катастрофална состојба со загадување на воздухот. На мапата, пак, на држави на кои се извезува ѓубре од Италија е и нашата држава, но шрашање е дали македонското обвинителство ќе се позанимава со ова прашање. Или, нели, се е во рамки на законот?!

До моментот на објавување на овој напис, Димов не е обвинет, ниту има дадено јавно соопштение. Тој ја претставува националистичката групација „Обединети патриоти“, помала коалициска партија на партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, која е придружна на Европската народна партија (ЕПП). Тој е 9тиот министер од владата на Борисов кој го напушта владиниот тим, откако денеска премиерот ја прифати неговата оставка.

Доколку Димов биде обвинет, му се заканува казна од осум години затвор.