По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право – УНЕСКО, проф. д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар, упати порака со наслов „УМОТ ЦАРУВА, А КНИГАТА ГО ХРАНИ“.

-Прашањето е кој ја оформува, осознава и инкорпорира менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност? Има само еден одговор. Книгата и богатиот резервоар на знаења. Книгата ни го евоцира минатото и таа меморија нè насочува со поуки; книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и обистиниме и конечно книгата нè учи и нè држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно му го осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, којашто ќе ви го збогати умот и животот – вели тој.

На Светскиот ден на книгата и на авторското право, 23 април, ние се отвораме кон другите и покрај далечината, ние патуваме со помош на нашата имагинација, порачува УНЕСКО.

Од 1 до 23 април УНЕСКО споделува цитати, песни и пораки за да ја симболизира моќта на книгите и да го поттикне читањето колку што е можно повеќе. Со читањето и со споделувањето знаења ние создаваме една поврзана заедница способна да се бори со осаменоста.

-Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност.
Во текот на месецот април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да се најде време за читање, самиот за себе или со децата. Ова е вистински миг да се истакнува читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе трае целиот нивни живот – се вели во пораката од УНЕСКО. А.Р.