Деца играат во сиромашен кварт во Тондо, Манила, Филипини

Милиони сиромашни деца во градовите имаат поголеми шанси да умрат пред својата петта година од животот отколку нивните врсници од село, покажа извештајот на ОН објавен во вторникот.

Истражувањето на УНИЦЕФ потврди дека не уживаат сите деца во глобалниот тренд на урбанизација, идејата дека повисоките плати, подобрата инфраструктура и достапноста на услуги го прават животот подобар.

Иако поголемиот дел од урбаните деца имаат корист од животот во градот, студијата идентификуваше 4,3 милиони од нив кои имаат поголема веројатност да умрат пред петтата година во споредба со нивните врсници од село и 13,4 милиони деца кои нема да завршат основно училиште.

„Децата треба да бидат во центарот на урбаното планирање, но во многу градови се заборавени, за милиони не се достапни социјални услуги во урбаните сиромашни квартови и илегални населби“, вели Лоренс Чанди, директор на УНИЦЕФ.

Се проценува дека во т.н. сламови (сиромашни квартови) живеат милијарда луѓе, вклучувајќи и стотици милиони деца.

Пред десет години, светот официјално стана мнозински „градски“, а се очекува дека до 2050 година во градовите ќе живеат две третини од населението во светот, покажуваат податоците на ОН.