Пишува: Валентина Ѓеоргиевска Парго

„Уни бенд“ е едно ново изненадување на фолк сцената, со кое публиката се запозна поофицијално на „Еврофест“ 2017. Но, пред да се осврнеме на Вашиот настап, и освоено Гран при, да ни ги претставите членовите.

-„Уни бенд“ е музички состав кој негува и прави музика исклучиво на жичени инструменти. Водач на бендот е композиторот и ритам гитарист Тони Узунов. Соло гитари, тамбури, мандолини и примови свири Душко Костадинов, а негов партнер во соло делниците е гитаристот Петар Понов. Бас гитара свири Петар Јованов, а ударни инструменти Бобан Тошевски. Вокални солисти се Лилјана Прнаркова и Влатко Вучков.

Вашето огнено кршевање беше на „Филиграни 2016“, а на „Еврофест 2017“ со песната „За Јанко“ освоивте Гран при. Истата награда, Гран при, беше повторена и на годинешниот концерт на музичката школа „Узун“, од директорот на фестивалот. Како се создаде оваа песна и како ја доживеавте наградата?

– Како валандовски бенд, на некој начин сме под големо музичко влијание на нашиот поранешен сограѓанин Јанко Узунов. Едноставно Јанко со својот бенд „Златни стени“ во периодот од 1967 до 1972 година, па и потоа во неговата професионална кариера ни беше идол и ментор, а повеќе пати некои од членовите на „Уни бенд“ имаа заеднички концерти низ Македонија. Тоа дружење резултираше со големо и долгогодишно пријателство на сите нас со Јанко. Песната , музички, стилски и мелодиски, всушност е своевидна компилација на песни од Јанко кои сочинуваат еден опус од неговото повеќе децениско маркантно присуство на македонската и екс Ју музичка сцена како пејач, инструменталист и автор. Текстот е наш изблик на емоции срочени во песна по неговото прерано заминување во вечноста. Самата песна, како мелодија и текст, ја подготвувавме темелно, со големо внимание и љубов. Не сакавме таа да прозвучи како патетичен обид на пријатели да направат песна за еден доајен и бард на мак-музичката естрада. Од наградата бевме восхитени, а чувството беше единствено бидејќи успеавме во намерата да направиме нешто за нашиот Јанко.

Колку сте задоволни од коментарите за песната, која пофалба најмногу ве израдува?

-Првите позитивни коментари ги добивме уште на пробата пред фестивалот од нашите колеги учесници. По официјалната изведба бевме разнежнети од извонредните коментари буквално од сите присутни автори, музичари, пејачи, новинари, од публиката која беше импресионирана од изведбата. Добивме огромен аплауз. Сепак најискрените коментари и пофалби ги добивме од Кирил, синот на Јанко, како и од Жаклина Узун, неговата сопруга. Нивните реакции ни значеа многу, затоа што токму тие најдобро го познаваа.

Што, поопширно, значи за вас името на легендата, маестро „Јанко Узунов“?

-Точно е – Јанко Узунов прерасна во вистинска музичка легенда! Автор, изведувач, продуцент, водач на бенд, педагог, зад себе остави огромен опус на дела кои силно го одбележаа времето во кое работеше и твореше на естрадата. Подеднакво успешно работеше и во забавната и во народната музика, фолклорот, а беше и меѓу пионерите на етно музиката во Македонија. Самиот успеа да открие и подржи многу млади таленти кои подоцна станаа афирмирани имиња на естрадата. Стилски препознатлив, крајно педантен во работата и голем професионалец до крај. Умееше да работи како солист, во дует, со бендови, со децата во неговата музичка школа, во неговото студио. Зад себе остави огромна музичка продукција мелодии и песни, како и инструментална музика, за кои сметам дека во догледно време ќе бидат инспирација и предизвик за обработка на многу млади македонски музичари кои би ги заживеале и обновиле со нови аранжмани и секако во нов саунд преку современата студиска техника. Едноставно, Јанко беше и остана класика во својот еснаф!

Велите дека за малку и името на бендот ќе било „Узун бенд“, наместо „Уни бенд“. Кој беше кумот?

– Да. Откога веќе го формиравме бендот и почнавме да работиме, нормално требаше да најдеме и негово име. Првиот предлог беше „Узун бенд“, пред се поради блискоста со Јанко, но од друга страна и нашиот водач на групата го носи презимето Узунов. Сепак, поради тоа што Јанко веќе имаше група „Узун“, нашиот солист Душко Костадинов му кумуваше на сегашното име на бендот.

На концертот ја запеавте и „Момчето со мандолина“, најпознатата песна што ја пееше Јанко, заедно со неговата љубена, сопругата Жаклина. Планирате ли заедничка песна со Жаклина во иднина?

– Како вчера да беше, а поминаа децении, се сеќавам кога Цветанка и Јанко го донесоа прекрасниот евергрин „Момчето со мандолина“ на Славе Димитров. Беше и остана голем хит. Да, најмногу изведби на оваа мелодија имаат Јанко и Жаклина. Немаше настап без да ја отпеат заедно. Звучеа прекрасно, а публиката редовно бараше бис! Поради нашиот музички стил, и пак ќе кажам, поради влијанието на Јанко врз нашата музика, отворено размислуваме на Жаклина да и понудиме соработка преку заеднички песни. Во опција се наши авторски, но и обработка на нивни песни во нов стил, како и народни песни од нашиот, валандовски крај.

Вие сте музичари со долгогодишно искуство, кои обединети во Уни бенд имаат веќе големи планови. Дел од членовите се од Валандово. Дали може да се насети дека ваша мета ќе биде и самиот фестивал „Фолк фест Валандово 2018“?

-Нашите вокални солисти Лилјана и Влатко веќе имаат настапувано на “Фолк-фест Валандово“. Влатко Вучков има победено на фестивалот, а има и повеќе други награди на „Валандово“. Јас долги години од почетокот бев во организацијата на фестивалот. Секако дека планираме учество на „Фолк-фест Валандово“, можеби на следниот, бидејќи веќе имаме една интересна песна со која ќе конкурираме. Ќе откријам дека доколку биде примена на конкурсот, песната ќе ја пее Влатко, а аранжманот ќе го прави Орце Лазаров.

Уште еднаш, пред крај би прашала, што Ви остави најголем впечаток од Вашите два настани со „Песна за Јанко“, но и воопшто од Вашата музичка приказна во 2017?

– Во 2017 настапивме со две песни на „Филиграни“, кои што исто така беа наградени, но кулминиравме на „Еврофест“ 2017, каде песната „За Јанко“ беше нашата најубава приказна со која искрено се гордееме. Валандовската промоција на оваа песна ја направивме на предновогодишниот концерт, во фестивалската сала „Јанко Узунов“ на 24-ти овој месец (декември, 2017). Илјадната публика беше воодушевена, а за симболиката што ја донесе насловот на песната и местото на кое беше промовирана, едноставно немам зборови!

Со што ќе ја изненадите публиката? Што може да очекуваме во поскоро време?

-Се подготвуваме за снимање на видео спотови од нашите песни на почетокот од следната година. Потоа планираме реализација на уште две песни со кои би го ефектуирале нашето прво ЦД, чија промоција би била како придружна содржина за време на „Фолк-фест Валандово 2018“ во месец мај. Тука се и повеќе настапи на фестивали и музички манифестации во Македонија, а веќе имаме и понуда за настап во Бугарија. И конечно, имаме намера да обработиме некои стари народни песни од Егејска Македонија, малку познати кај нас, кои како солист би ги отпеала Лилјана, нашата вокална солистка…