Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

Успешните Македонци насекаде низ светот носат убав и позитивен пример, со кој достојно го претставуваат македонскиот дух и традиција, секаде каде што творат и живеат. Еден од нив е Злате Поповски, нашинец во Австралија, брат на реномираниот сликар, хуманист и нобеловски кандидат Живко Поповски – Цветин. За него тука малку знаевме, со оглед на тоа дека во изминативе 40- тина години е дојден само неколкупати, но неговите дела во Мелбурн се сосема јасен доказ за каква личност станува збор. Тој деновиве прими послание ” Мајка Тереза” за хуманост, што го доделува Граѓанската асоцијација “Скопјанката Мајка Тереза”. Беше многу изненаден и Посланието повеќе го доживеа како поголема обврска за во иднина, иако и досега многу пати се вложил во хуманитарни и донаторски акции, со кои се помагало на болни, стари и изнемоштени луѓе, како и за операции на болни и сограѓани. Пред некое време, на кафе муабет, Злате не запозна со својата животна приказна и пат кон далечниот континент.

Како мал од родното село Брезово заминал во Битола на учење, а потоа во Скопје, каде се вработил како металски работник во фабриката Металски завод Тито. Две години работел и се истакнал како вреден работник, но едно патување за Словенија му го променило животниот план.

– Тоа беше во времето на Југославија. Патував со воз за Љубљана. Во весник прочитав дека Австралија бара работници. На враќање запрев во Белград, отидов во австралиската амбасада, таму да се информирам и поднесов документи за работа, се потсетува Злате. Сосема неверојатно, но виза добил за неколку недели, а потоа заминал во Австралија. По неколкуте слободни младешки години се оженил и формирал семејство, во кое му се родила ќерка, Стефани, па Џесика од која со зетот Давид, има и внук Џулијан. Но, она што го краси неговиот работен век и работно дело во големата компанија за пластични садови Тапарвеј, ( Tapparwey) било тоа што тој од самиот почеток е во Синдикалната организација на компанијата. Долго време и лидер. А се изборил и за некои придобивки и повисока плата за што вработените му биле мошне благодарни.

– Јас бев толку активен и се залагав за правата за работникот што и ден денес ми честитаат. Тоа е огромна интерконтинентална компанија која има свои претставништва во многу земји, а во нив работаат над 60 милиони вработени.

Злате ова лето по повод крштевката на внукот Џулијан го поканил својот брат Живко во Мелбурн, каде поминале заедно два месеци, а потоа заедно и дојдоа во Македонија.

– Бесценети се миговите поминати со братот. Го пречекав и нагостив во Мелбурн, потоа тој мене во Скопје. На 25 мај заедно ја славевме крштевката на внукот Џулијан во црквата Свети Никола. Тој виде каде живеам и колку добро живеам со соседите од најразлични нации. Инаку, со оглед дека јас бев 7-8 години помал од него, и кога растев тој беше заминал од село на школување, ова ни беше шанса да се изнамуабетиме. Горд сум на се што тој постигнал со своето хумано и уметничко животно дело. Живко постојано ги црташе своите мировни цвеќиња, на сите места каде не покануваа и одевме во Мелбурн и Сиднеј, а покрај него и јас почнав да цртам. И сфатив дека талентот е наследен и сличен. И кај мене и кај него тука си поминавме прекрасно. Запознав многу луѓе. Се дружевме. Славевме. Јас сум Македонец и секогаш и секаде гордо го кажувам тоа, а сега, со оваа посета и со ова послание се чувствувам целосно исполнет, а мојот труд и залагања добија свое признание, ни рече Злате, кој денес повторно се враќа во Мелбурн. Среќен пат и успех и понатаму!