Викендов во Скопје, во организација на младата балерина и кореографка Тамара Ѓурчиновска мошне успешно беше реализиран Меѓународниот натпревар за танц “Stage”. На 12. Ноември над 1.200 учесници од 12 европски земји, танцуваа и на сцената на Националната опера и балет ги покажаа своите танцувачки вештини, во програма која траеше повеќе од 14 часа.

Апсолутен победник со максимални 150 поени од жирито е младиот Анди Исмаили од Гостивар, победник и на минатогодишното издание, новата надеж на нашата земја и многу пошироко, кому му се насмевнуваат големите балетски сцени.

-Посебно сме среќни што манифестацијата годинава, во своето петто издание, го постигна очекуваниот врв и од програмски и од организационен аспект, а ја посетија над 1.100 посетители, и тоа претставува досегашен рекорд во однос на сите претходни изданија, велат организторите.

Натпреварувачите беа деца и тинејџери поделени во пет возрасни категории, за нив се доделија повеќе награди како и специјални награди за кои, под водство на реномираната претседателка Олга Панго, одлучуваа реномирани членови од повеќе земји- Слаѓана Спасеновска и Саша Ефтимова (С.Македонија), Бахри Гуркан (Турција), Ерик Јанез Тапија (Куба), Милена Манева (Србија), Мари Лоранс Лионар (Белгија).

-За наше уште поголемо професионално задоволство, позитивните коментари на социјалните мрежи не стивнуваат, како од страна на танчерите- учесници, така и од страна на нивните родители, наставници, сопственици на студија, гостите, а посебен печат на сето тоа му даваат и одгласите од странските медиуми, каде се објавени низа прилози и текстови, што нам пак нѝ дава потврда дека е постигната целта и во однос на меѓународната медиумската промоција – додаваат од организацијата.

Меѓународниот натпревар за танц “Stage” е еден од најпрестижните културни настани во изминативе пет години кај нас.

-Нашиот главен фокус е да донесеме танчари од други земји за сите тие да добијат можности да се сретнат на едно место и да се поврзат со најдобрите од танцовите сцени, децата да сретнат нови танцови пријатели и танцувачки професионалци, како и да добијат награди и стипендии од светски познати балетски училишта, натпревари и фестивали. “Stage” промовира пријателска средина, и е повеќе од само натпревар, се стреми кон негувачко и охрабрувачко искуство што танчарите ќе го носат со себе засекогаш. Нашата визија е да создадеме позитивна и професионална атмосфера за настап на танчери од целиот свет, но првенствено формирајќи здрава и фер конкурентска атмосфера, вели организаторката Тамара Ѓурчиновска.

“Stage” е новата возбуда во градот Скопје, и во современата сценска култура на младите генерации.

Настанот е препознаен и поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Видео и фотографии: Андреј Ѓорѓиевски