Вториот циклус од едукативните работилници во рамките на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ започнаа изминатиот викенд во Прилеп. Пет училишта од општината Прилеп, ни се придружија годинава на новото театарско-едукативно патување, кое ќе трае во наредните шест месеци, а резултатите од сработеното, ќе ги видиме на претстојното 58. издание на фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 7 до 14 јуни.

На вториот циклус едукативни работилници што ги предводи режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски од „Театар за сите“ од Скопје, ќе учествуваат ученици од општинските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески“, како и од средните општински училишта „Ристе Ристески – Ричко“, „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“. Во просториите на прилепскиот театар тие ја одржаа првата средба, под менторство на актерите Илија Волчески и Игор Трпчески. Учениците заедно и со нивните наставници-ментори, разговараа и презентираа за театарските процеси.

Во текот на наредните седум месеци ќе се изучуваат театарските процеси (режија, актерство, драмско пишување и драматургија, костимографија, сценографија) практично, преку вежби и гостувања на театарџии. Целата содржина ќе биде работена врз еден од текстовите на Горан Стефановски, како автор во фокус на 58. издание на фестивалот.

-Едукативните работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ се дел од придружната програма на фестивалот, што ја започна фестивалот од последното 57. издание. Мотивирани од големиот успех и интерес што го предизвика кај учениците и наставниците, и годинава оваа активност сакаме да ја надградуваме. Свесни сме колку е важно учениците да бидат вклучени директно во создавање театарско дело, да дишат во ритамот на театарот, да истражуваат, а и особено да имаат можност тоа да го работат со театарски професионалци. Едукативните работилници се мотивирачки и за наставниците, кои изразија волја да ја продолжат работата и ја вклучат во нивната настава – велат од фестивалот.