дома Живот Училиштата во Илинден подготвени за стартот на учебната година според сите протоколи 

Училиштата во Илинден подготвени за стартот на учебната година според сите протоколи 

127
Училиштата во општина Илинден интензивно работат на подготовка за успешен почеток на новата учебна 2020/2021 година, според сите протоколи поради пандемијата со Ковид 19. Учебната година според најавите од Министерството за образование и наука (МОН), треба да започне на 1 октомври.
По донесување на Планот од страна на Министерството за образование и наука (МОН), во сите централни и подрачни училишта направена е општа проценка на состојбата, расположливите капацитети, материјални и кадровски ресурси, изготвен е  Интерен план за реализација на наставата во учебната 2020/2021 година.
Во централните и подрачните основни училишта, најголем дел од учениците од прво до трето одделение ќе следат настава со физичко присуство, мал дел ученици ќе следат онлајн настава, за кој родителите писмено се изјаснија преку потпишување изјави спроведени од училиштата. Поради големиот број ученици во паралелките, наставата ќе се одвива во две групи според Планот и Протоколот за одржување на наставата. 
 Според Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштата за организирање на наставата со физичко присуство, согласност за настава со физичко присуство добија двете подрачни училишта на ООУ ,,Браќа Миладиновци“ во Мршевци и Текија и подрачните училишта на ООУ ,,Ристо Крле“ во Мралино и Бунарџик и тоа за ученици од четврто и петто одделение, додека во централните училишта за учениците од четврто до деветто одделение ќе се реализира моделот со учење од далечина, според Планот и Протоколот за одржување настава.
  Што се однесува до наставата во СОСУ ,,Илинден” ќе се изведува преку моделот учење од далечина, додека практичната настава ќе се реализира со физичко присуство согласно одобрениот План и Протоколот за средно образование, практична настава, феријална практика и учење преку работа. 
 Во основното образование се планира комбиниран начин на оценување, што подразбира поддршка на учениците при реализација на настава на далечина преку следење на ученикот, како и повремени консултативни, односно менторски средби со ученикот во училница. За реализација на овие средби/часови, треба да се почитуваат протоколите за физичка дистанца и лична заштита, дезинфекција на просторијата/училницата итн., исто како за реализација на наставата со физичко присуство во училишта.
  Во сите централни и подрачни училишта, како и во Средното општинско стручно училиште, набавени се дезинфекциони средства, безконтактни топломери, одбележени се движењата на учениците во училниците и влезовите во училишните згради. Училиштата ќе ја користат целокупната информатичка технологија, целосно е подобрена интернет конекцијата за успешно и квалитетно пренесување на наставните содржини, како и  ќе бидат обезбедени потребните материјали за непречено одвивање на наставата.
В.Г. Парго