дома Економија УЈП: Пензионерите ќе треба да доставуваат годишна даночна пријава од 2024

УЈП: Пензионерите ќе треба да доставуваат годишна даночна пријава од 2024

193

Пензионерите до 2024 година нема да имаат обврска да вршат интернет регистрација за персонален данок, доколку нивните приходи се само од фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Директораката на УЈП, Сања Лукаревска на денешната прес конференција најави дека оваа обврска за пензионерите се одложува за наредните седум години.

„Со новиот закон за личен доход се предвидува во наредните седум години да се одложи обврската за доставување на годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите кои не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од било каква обврска кон УЈП“, рече Лукаревска.

До денеска се пријавени 300 илјади граѓани преку е-регистрацијата, изјави Сања Лукаревска, првиот човек во управата, а очекува до крајот на годинава без поголеми проблеми да се заврши обврската на околу 900 илјади даночни обврзници.

Лукаревска објави и дека се поставуваат мобилни даночни шалтери на УЈП по општините, дури и во најистурените места, а мобилни екипи на Управата ги посетуваат домовите на изнемоштените лица кои не се во состојба сами да се регистрираат и да го однесат документот. Во Скопје за регистрација се достапни сите шалтери во Регионалната дирекција кои работат и после 16:30 часот, како и во сабота, а има и даночни канцеларии во Аеродром, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров.