Меѓународната федерација на филмски архиви ФИАФ (International Federation of Film Archives – FIAF) на еден од онлајн настаните кои ги заменија активностите на планираниот годинешен конгрес му оддаде почит на неодамна починатиот Борис Ноневски, поранешен директор на Кинотеката на Македонија.

Борис Ноневски (1948-2021) беше  долгогодишен директор во неколку мандати и за време на неговото раководење Кинотеката ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност преку организирање симпозиуми со интернационален карактер.

Годинешниот конгрес на ФИАФ, 77 по ред, требаше да биде одржан месецов во Дака, Бангладеш, со што би се прославил и „златниот јубилеј“, 50-годишнината од постоењето на националниот филмски архив на оваа земја. Со оглед на тоа што пандемијата предизвикана од ковид-19 сè уште не дозволува масовни настани со физичко присуство на поголем број лица, ФИАФ во периодот од 21 до 23 април одржа неколку виртуелни настани како замена за планираниот конгрес. На 21 април три комисии на ФИАФ ги одржаа нивните годишни работилници за заштита на филмското наследство, а Генералното собрание на 22 и 23 април одржа виртуелно заседавање со учество на 172-те членки на Федерацијата, на кое им беше оддадена почит на преминатите истакнати членови, меѓу кои и Ноневски.

Ноневски беше истраен истражувач, посветен аналитичар и голем вљубеник во филмот. За време на неговото раководење со Кинотеката беа формирани два оддели, филмски архив и јавна дејност, а потоа и оддел за документација, воведување на систематско и аналитичко обработување на филмовите (одделно документарни и играни) формирање и воспоставување на принципите на обработка, систематизирање, каталогизирање, организирање на фототека и одделот за музејски експонати. Воспоставени се методологии по кои до ден-денес се работи во Кинотеката и започнати се и завршени бојни проекти. Исто така започнати се и повеќе видови на каталози и каталогизирање на филмовите. Под раководство на Ноневски започнаа и првите сериозни проекти за заштита на филмската историја преку изработка на нови филмски копии…

Ноневски, како директор на Кинотекатаво 1993 го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а Кинотеката беше организатор на фестивалот и наредната 1994 година.

Во 2009 година, Владата на Република Франција на Ноневски му додели високо одликување – „Витез во редот на уметностите и литературата“. А.Р.