Сите граѓани и стопанственици да ги почитуваат мерките и за претстојните празници Бадник и Божик, апелираше на денешната прес конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска, истакнувајќи дека  граѓаните биле совесни за новогодишната ноќ која поминала мирно и безбедно и без многу прекршувања на протоколите за заштита од КОВИД-19.

-Да празнуваме одговорно, во кругот на семејството, да се воздржиме од прослави и да нема групирања. Надлежните инспекциски служби и во текот на наредните денови ќе спроведуваат интензивни контроли на терен, сè со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, рече Грашкоска.

Како што посочи таа, во периодот од 28 декември до 03 јануари Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спровеле вкупно 5.718 надзори и контроли.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 28 декември до 3 јануари извршил 74 надзори, врз основа на кои изрекол 6 решенија. При тоа, овој инспекторат во посочениот период издал вкупно 4.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19. Анализирајќи ги бројките на издадени решенија за самоизолација, се уште продолжува трендот на намалување, односно во однос на периодот од 20 до 27 декември (кога беа издадени 6.576 решенија), во текот на минатата недела се издадени 20 отсто помалку решенија за самоизолација.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршиле 4.652 контроли и 278 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна , Закон за заштита на потрошувачи; Закон за трговија; Закон за нерегистрирана дејност; Закон за угостителска дејност; Закон за градежни материјали; Закон за занаетчиска дејност; Закон за енергетика; Закон за метрологија; Закон за безбедност на производите; Закон за заштита од пушењето.

При спроведените надзори, изречени се 35 прекршочни пријави и 24 решенија за констатираните неправилности, како и 16 прекршочни платни налози. Споредбено со периодот од 21 до 27 декември (кога беа затворени 13 угостителски објекти), бројот на затворени угостителски објекти е намален за повеќе од 60 отсто. За време на новогодишната ноќ, Државниот пазарен инспекторат во соработка со МВР, спроведоа голем број на заеднички контроли во угостителските објекти, но како што и веќе напоменав беа констатирани мал број на прекршувања, односно беа затворени 2 угостителски објекти (Струмица и Битола).

Во истиот период, Инспекторат за транспорт извршил 29 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: 1 прекршочна пријава и 1 прекршочен платен налог. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, минатата недела не се констатирани прекршувања , односно непочитување на протоколите за превоз на патници.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите 7 дена извршил 440 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрекол 17 решенија и 1 прекршочен платен налог. Во овој период од страна на трудовите инспектори не се констатирани неправилности согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 11 надзори во аптеки и веледрогерии по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона, при што не се констатирани неправилности.

Агенцијата за храна и ветеринарство, извршила 207 надзори, при што издадени се 5 решенија, 14 едукации и 1 ППН, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи и неправилно складирање, чување и означување на производи .

Државниот инспекторат за животна средина, во текот на минатата недела извршил вкупно 27 надзори. При тоа, за констатираните неправилности од областа на животната средина инспекторите донесле 2 решенија со задолжувања за подобрување на работата на правните субјекти.

За прославата на роденденот на лидерот на ДУИ Али Ахмети која се случи вчера во новите простории на Министерството за политички систем, по реакциите во јавноста поради фотографијата на која присутните беа без маски, таа истакна дека инспекторатите постапуваат неселективно и дека сите наводи за прекршување на протоколите ќе бидат проверени.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова истакна дека ова е во надлежност на трудовиот инспекторат.

Претходно за настанот на ДУИ и партискиот собир објаснување имаше и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој посочи дека немало прослава ниту прекршување на протоколите, а првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби појасни дека фотографијата без маски била момент за да се одбележи изненадувањето за претседателот на партијата, Али Ахмети, по што биле почитувани протоколите на собирот. А.Н.