Процесот на имунизација добро се одвива во сите пунктови на територијата на цела држава, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче од ВИП Арената А1 каде се одвива имунизацијата на пратениците и собраниските служби како дел од критичната инфраструктура.

Имунизацијата на пратениците се одвива со руската вакцина „Спутник V“, од која се останати околу 200 дози, со што практично ќе се исцрпи целата количина од оваа вакцина, додаде тој, и посочи дека од вакцината на  „АстраЗенека“ се останати близу 5.000 дози, а околу 5.000 дози има и од вакцината на „Фајзер“ кои ќе бидат дистрибуирани како надополнување.

-Околу половина од дозите се искористени од вакцината „Синофарм“. Тоа се дозите кои стигнаа како донација од Арапските Емирати – изјави Филипче.

Тој посочи дека пристигнала листа од компанијата „Фајзер“ со распоредот според кој во земјава ќе пристигнуваат уште количини во текот на следниот месец.

-Секој понеделник ќе пристигнуваат по помеѓу 5.000 и 7.000 дози, значи околу 26.000 дози предвидено е да стигнат во текот на целокупниот месец и ќе планираме како ќе бидат дистрибуирани низ целата држава – додаде Филипче.

Околу 28 април во земјава треба да пристигнат и 200.000 дози од вакцината на „Синофарм“, за кои планот за дистрибуција е готов согласно бројот на пријавени граѓани на сајтот „Вакцинација.мк“, посочи тој.

– Веднаш по пристигнувањето, веројатно тоа ќе се преклопи со велигденските празници, ќе биде дистрибуирана ширум државата и вакцинацијата со оваа вакцина ќе започне во вторник непосредно по завршувањето на велигденските празници. Дотогаш спортските сали во сите шест градови ќе бидат спремни, салата во Охрид е веќе спремна, а ќе бидат и сите останати во Штип, Куманово Битола, Тетово и Кавадарци. Ќе бидат опремени и со кадар од соодветните здравствени домови – рече Филипче, додавајќи дека досега се пријавени 150.000 граѓани за имунизација.

Филипче изјави дека епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот последните денови се подобрува, се бележат трендови на намалување бројот на новозаразени и на прегледи во ковид-центрите.

-Значајно намален е притисокот за прием на пациенти во болничките установи, иам голем број на слободни болнички кревети, а ние во рамките на таа прераспределба од денес односно викендов ќе започнеме и со ослободување на дел од одделенијата коишто беа ангажирани дополнително во овој период да третираат ковид пациенти – најави тој додавајќи дека  сега има хоспитализирани стотина пациенти помалку од минатата недела, а дека за 50 до 100 има помалку новодијагностицирани случаи во изминатите денови.

-Верувам дека овие трендови ќе продолжат, оти нема да има нешто што ќе не изненади, а на почетокот на следната недела ќе заборуваме понатаму и за типот на рестриктивни мерки кои ќе ги предложиме – најави Филипче. А.Р.