На денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче информира дека од вкупно 868 направени тестирања во изминатите 24 часа регистрирани се 67 позитивни пациенти на Ковид-19. Тој потенцира дека се уште не се пристигнати бројките од една приватна лабораторија и дека во следните неколку часа ќе биде објавена и деталната статистика по градови. Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека до изутрината на Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени шест пациенти и сега се хоспитализирани вкупно 40. Таму нема пациент, кој е на механичка вентилација, а на кислородна поддршка се 16 пациенти.

Во Штип се затворени петте конфекции, следните денови ќе се тестираат вкупно 600 вработени, досега се направени 100 тестирања. Еден дел од вработените се на своите работни места, но со цел да се направат тестирањата – информира министерот и уште потенцира дека и во Тетово се издадени 8 решенија за позитивни пациенти.

-Имаме информации за нов кластер. Се прават анкети на 40 вработени во Тетово. Таму планирани се да се направат 150 тестирања – рече Филипче.

Во однос на скринингот, во приватен дом за стари лица во Ченто и Кадино, во едниот се позитивни 2 штитенички, а во другиот 3-ца вработени.

– Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се вкупно 27 позитивни на Ковид-19, од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола хоспитализирани се седум пациенти, а во болницата во Штип 14. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп вкупно се хоспитализирани 27 пациенти кои се позитивни на вирусот, посочи Филипче.

Денеска има 25 оздравени пациенти, и еден починат.

Има информација за позитивен полицаец од пограничната полиција кој е вратен од Унгарија и е позитивен и се направени анализи за сите кои контактирале со него.

– Во однос на рестриктивните мерки кои ги најавивме, Комисијата ги разгледува и нема одлука. Комисијата ги следи бројките на новозаболени пациенти, по што ќе следува донесувањето на соодветни одлуки. Ги разгледуваме сите можни решенија, но конечното решение ќе го донесеме утре или во четврток – кажа министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој апелираше да не се игнорира вирусот, бидејќи тоа нема да помогне, а секаде во светот се имплементираат истите мерки за заштита. Граѓаните и нивниот влог се клучни за справување со оваа кризна состојба, посочи тој додавајќи дека се разгледува можноста за враќање на рестрикциите, но за тоа каде и дали има потреба ќе се зборува во наредните денови.

Граѓаните се едни од најважниот во целиот систем на справување со кризата, и сите придонесуваме во решавање на провлемот, и како граѓани и како држава, и порача дека игнорирањето на вирусот и мислење дека тој не постои нема воопшто да ни помогне. Имаме капацитет да се справиме и со овој бран на вирусот, посочи Филипче, повторно порачувајќи да се почитуваат мерките на лична заштита и протоколите на движење и надлежните да спроведуваат санкции кога тоа не се почитува бидејќи тоа е единствен начин да се заштитиме. А.Р.