Комисијата за заразни болести предложила до Владата предложивме полицискиот час за време на викендот да почнува од 19 часот и да трае до 05:00 часот, следниот ден утрото, најави денеска на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

-Во однос на олабавувањето на мерките, што е планирано да се предложи од почеток на следната недела, практично од понеделник, останува да се следи состојбата и во тек на денешниот ден да се анализираат случаите од денешниот ден на утрешниот утрински состанок и после тоа ќе излеземе со соодветни предлог мерки до Владата – најави министерот Филипче.

Во однос на вчерашниот собир во Струга, тоа е еден чин кој претставува непочитување на здравствените работници и на сите други кои два ипол месеца пожртвувано работат за што побрзо да излеземе од оваа криза. Ова е непочитување и кон граѓаните, кои се придржуваат до мерките, посочи Филипче.

-Од првиот момент повикуваме на граѓанска солидарност, во интерес за заштита на индивидуалното и колективното здравје. Најостро ги осудувам сите кои не ги почитуваат мерките и очекувам темелна истрага за собирот на граѓаните вчера во Струга. Инстититуциите мора да ги санкционираат прекршителите и поревносно да делуваат во иднина за да се спречат вакви прекршувања – рече тој.

Како што посочи тој сите досегашни марки дадоа резултат, се стабилизираше епидемијата, намалувањето на бројката на нови случаи е токму резултат на ваквите рестриктивни мерки, кои голем дел од граѓаните ги почитуваат, а на ваков начин најгрубо се прекршуваат.

Утрово министерот Филипче разговараше со реисот од Исламската верска заедница и со поглаварот на Македонската православна црква. На двајцата им посочи и побара апсолутно да се придржуваат до мерките во интерес на здравјето на граѓаните и да не се организираат собири на верниците.

– По информацијата која денеска ја објави ИВЗ со која информираше дека на 12 мај се отвораат џамиите, сакам да повторам дека дека се уште е на сила забраната за групирање на повеќе од две лица – рече Филипче.

Тој апелира до верските заедници и до сите останати, да спречат каква било организација или групирање на своите поддржувачи, додека овие мерки се на сила. Како што рече, секое неодговорно однесување на поединци или на групи може да нè врати на почеток на кризата, а тоа истата ќе ја продлабочи и ќе се рефлектрира на целокупното функционирање, не само на здравствениот систем, туку и на државата.

Апелот е и до граѓаните да се воздржат од какви било собири, да се придржуваат до се што е пропишано, препорачано и донесено од Владата. Да се почитува забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна маска, покривка на устата и на носот кога растојанието меѓу граѓаните е помало од пропишаното.

Во врска со изборите министерот за здравство повтори дека препораката на Комисијата за заразни болести базирана на стручен пристап врз основа на бројките на пациентите и анализите на случаите, бројките и движењето и на национално ниво и во одредени градови и региони, ќе го одреди одржувањето на изборите.

За најавениот скрининг, министерот повтори дека доколку има намалување на пациенти, државата ќе може да премине од едни мерки – кои важеа за сите и беа носени на национало ниво  кон други –  кои ќе се креираат по таргетиран скрининг. Со него ќе се откријат мали групи за кои може да важат посебни мерки за да се спречи ширењето таму каде ќе биде вирусот детектира.

– Сега се тестираат пациенти со симптоми, а со скринингот ќе се овозможи да го надградиме пристапот, кој ќе биде таргетиран на одредени критични групи вработени во здравствени институции, градинки и домови за стари лица за да се откријат асимптоматски носители. Па во таа ситуација би предложиле  мерки кои ќе важат само за тие групи кои сметаме дека се покритични и поризични односно ќе се открие присуство на вирус иако се асимптоматски – рече министерот.

Тој посочи дека се уште рано да се размислува за отворање на аеродромите заради тоа што тоа отвора понатаму сериозни прашања за тоа од каде доаѓаат луѓето.

-Се уште е на сила препораката за државните карантини и тоа останува сега засега. Не размислуваме за промена на оваа стратегија, но како што најавив пред неколку дена се уште траат овие консултации со локалните земји за некаква форма на регионален пристап – кажа Филипче.

Велес не е ново жариште како што беа Дебар и Куманово, рече тој, и посочи дека таму се таргетирани групи, се знае кластерот на заразата, и може да се контролира. Останува на сила и понатаму забрана за хроничните болни и бремените жени да не одат на работа, која работадавците мора да ја почитуваат, а инспекциските служби да интервенираат секаде каде што не се почутуваа оваа одлука. А.Р.