Нема новодијагностицирани на коронавирус во земјава, но седум лица моментално се тестираат и тоа 3 од Дебар, 2 од Штип и 2 од Инфективното одделение, информираше министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.

Како што соопшти Филипче, трите лица од Дебар имаат симптоми на грип, додека останатите се тестираат бидејќи биле на пат во Австрија односно Германија. Тој посочи дека инфектолог од Клиниката ја координира работата на локалните инфектолози во Дебар и дека ќе се направат повеќе тестирања на повеќе луѓе согласно светски искуства на некои земји дури и на луѓе кои не е сигурно дека биле во контакт со заболени. Така од утре ќе почне да се спроведува проширен скрининг, кој се очекува да достигне и до 80 лица. Тој додаде дека кризната состојба бо Дебар и Центар Жупа се спроведува без проблеми, дека граѓаните се придржуаат до мерките.

Министерот кажа дека првата пациентка заболена од вирусот во земјава е пуштена на домашно лекување, а состојбата на другите 18 хоспитализирани е стабилна.

– Таа нема големи последици и може да се упати на домашно лекување. Сите кои беа во контакт со неа се тестирани и немаат симптоми. Непроменета е состојбата на сите други 18 пациенти, 13 на Клиника и 5 дома во Дебар. Непроменета е состојбата и на пациентката која е на респиратор, таа е стабилна. Лесна клиничка слика имаат пациентите во Дебар кои се на домашно лекување – соопшти Филипче.

Тој додаде дека до денес никој од изолираните лица кои биле во контакт со заболената екс-директорка на Клиниката за кожни болести нема пројавено симптоми на коронавирус.

Министерот Филипче посочи дека на располагање се близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата држава, а дека е откажана цела хируршка програма на сите одделенија.

– Апелирам, седете дома, не излегувајте без некоја посебна потреба, самоорганизирајте се во маркетите да не се создава гужва, затоа што тоа е единствениот начин да се стави крај на ширеење на вирусот – порача министерот Филипче.

Тој додаде дека бројот на респираторни машини ќе биде зголемен за 50 парчиња до крајот на денот, ќе бидат нарачани уште 50, но дека се преговара и за донација со Кинеската амбасада на 200 машини.

Владата ќе има седница вечерва во 19 часот и ќе се дискутира за повеќе мерки, а одлуките ќе бидат соопштени подоцна. А.Р.