дома Живот Здравје Филипче: Ситуацијата со Ковид-19 се стабилизира, не се планира воведување дополнителни мерки...

Филипче: Ситуацијата со Ковид-19 се стабилизира, не се планира воведување дополнителни мерки на заштита

28

Ситуацијата со епидемијата на Ковид-19 во земјава полека се стабилизира и засега не се планира воведување на дополнителни мерки за заштита од ширење на вирусот, соопшти денеска на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

-Eпидемијата го достигна пикот пред една недела, оттогаш бројките се стабилизирани. Тие се во ниво на едно плато и тоа ни укажува дека Р0 факторот на преносливост е практично 1 – рече Филипче.

Како што додаде, во изминатиот период се евидентирани високи бројки на оздравени од домашно и болничко лекување. Минатата недела, процентот на оздравени во однос на претходната е зголемен за 45%, а трендот на зголемен број на оздравени продолжува и во текот на оваа недела. За жал евидентиран е пораст на бројот на смртни случаи и кај нас и на глобално ниво, а по недели од почетокот на месецот бројот бил – 111, 149, 182, па 206, соопшти Филипче.

Позитивно е што бројот на активни случаи полека се стабилизира, што исто така се регистрира и во Европа. До 22 ноември глобално се регистрирани над 57.8 милиони случаи и 1.3 милиони смртни случаи од почеток на пандемијатa, посочи Филипче.

Како што рече, сите земји се соочуваат со истиот предизвик – менаџирање на болничките капацитети, недостаток на болнички кревети и медицински персонал.

-Засега успешно се менаџира напливот на пациенти, има кревети за хоспитализација, притисокот врз болниците и медицинските работници е голем. Се мобилизира целиот кадар кој што е на располагање, кој може да волонтира или пак да се приклучи. Се користат сите ресурси и се прави организација – истакна Филипче.

Системот Мој Термин, освен во некои клиники кадешто е редуциран насекаде работи нормално. Нема одложување на хроничните интервенции, додаде министерот за здравство Филипче.

-Функционира истиот систем којшто функционира со години наназад, а тоа е дека прва инстанца на којашто се јавуваат е матичниот лекар којшто прави проценка на здравствената состојба. Индицира одредени анализи, преглед и врз основа на состојбата препишува терапија. До овој момент нема терапија специфична за ковид-19 вирусот никаде во светот – појасни Филипче појаснувајќи дека фавипиравирот е се уште лек за којшто се водат бројни студии, близу 30 студии во светот, а ремдесивирот е неспецифичен за оваа болест, но со одредени докази дека влијае на скратување на периодот на хоспитализација, а не на преживувањето.

Како што посочи тој, здравствените власти во моментов не размислуваат за воведување на нови мерки за спречување на ширење на вирусот.

-Полициски час после 21 часот навечер практично сметаме дека ништо нема да донесе, затоа што е веќе празно со поладното време, угостителските објекти се затворени, а групирањето е забрането во тек на цело деноноќие. Одреден ризик се собирите во домашни услови, за кои има препорака да несе организираат. Огромен дел на ефективноста на мерките отпаѓа на свеста на граѓаните – порача Филипче.

Како што рече, вирусот ќе остане и во идниот период и затоа граѓаните мора да се придржуваат на постојните мерки кои, акко што рече, даваат ефект.

Има доволна количина на заштитна опрема, близу милион ипол парчиња, дел од набавки, дел од огромниот број на донации, додаде тој, и соопшти дека денеска почнува постапката за набавка на брзи тестови.

-Во меѓувреме, 20 илјади тестови стигнаа како донација, 13 илјади се веќе поделени и се користат во многу здравствени установи во нашата земја, уште 6 има во резерва и има план да се дистрибуираат следната недела – рече Филипче.

Координацијата помеѓу директорите на клиниките во Скопје и внатрешноста оди добро, рече тој. Мобилизиран е целокупниот кадар на сите одделенија, ангажирани се и дел од приватните специјализанти кои имале желба да се вклучат во овој процес, како и дел од младите и лиценцирани лекари кои имале платена пракса, а за дел од нив завршила, па се разговара за модалитетите за нивно вработување во здравствениот систем. На тоа се работи со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии, посочи Филипче.

-Мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагол пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок како што беше пред неколку недели кон болниците- порача министерот Филипче.

Како што посочи, позитивни се и вестите кои доаѓаат во однос на вакцините. Веќе има вакцини кои се во завршните фази. „Тоа е една одлична вест што следната година верувам дека ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот. Во таа насока, ќе може да очекуваме и стабилизација“, додаде Филипче. А.Р.