дома Култура ФИЛИП ДИМКОСКИ, ТИВКИОТ МЛАД АВТОР И АГРОНОМ СО СИЛЕН ОДЕК: “ Тутун...

ФИЛИП ДИМКОСКИ, ТИВКИОТ МЛАД АВТОР И АГРОНОМ СО СИЛЕН ОДЕК: “ Тутун не одгледувавме и додека бев мал тоа ме правеше тажен”

1072

ВАЛЕНТИНА ЃОРЃИЕВСКА ПАРГО

Името на Филип Димкоски е веќе доволно добро познато. Публиката добро знае дека станува збор за еден млад успешен човек, поет, кој има своја кариера не само во земјава туку и пошироко. Дипломиран агроном, активист во повеќе области, човек со кого може многу да се разговара. Денес е негов именден, 27 ноември, му посакуваме честит именден и среќа!

* Многу теми за разговор, но, во моментов најактуелна е Вашата нова позиција-уредник на едно многу поучно и корисно списание кое наскоро треба да го доживее своето прво издание. Станува збор за списание чиј издавач е организацијата Слоу Фуд-Македонија, дел од светски познатата организација Слоу Фуд. Ве молам кажете ни нешто повеќе за оваа организација како и за Вашата улога како уредник на новото списание  и детали за она што ќе го содржи списанието.

-Прво Ви благодарам на поканата за разговор и на убавото претставување. Кон секоја улога што ја добивам пристапувам со многу љубов, а тоа значи и со огромна одговорност и посветеност. Така е и со оваа најновава-уредник на списанието „Полжавче“ кое ги опфаќа темите  за училиштните активности на Слоу Фуд-Македонија.  Но, прво за читателите што не се запознати да раскажам малку за организацијата Слоу Фуд. Станува збор за непрофитна организација основана во 1986 година во Италија  од страна на Карло Петрини, а како протест против брзата храна. Денес Слу Фуд има над 100.000 членови ширум светот, односно во 160 држави, со 1500 конвивиуми односно локални организации. Кај нас во Македонија, ова движење започнува во 2011 година во Битола, а денес имаме национална организација и повеќе од десет конвивиуми во Скопје, Битола, Преспа, Осогово, Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци, Охрид, Прилеп…Прилепската локална организација е една од најмладите. Основана е во февруари годинава, по постоечка иницијатива од речиси две години. Бидејќи и претходно го следев ова движење и работата на Слоу Фуд во другите градови, со радост веднаш се вклучив во Слоу Фуд-Прилеп. Благодарен сум за честа да ја имам улогата на уредник на списанието кое го крстивме „Полжавче“. Полжав асоцира на нешто бавно, а тоа е и филозофијата на Слоу Фуд, бавно наместо брзо. Кога нештата ги правиме полека и смирено, ние ги правиме посветено и сеопфатно. Такво се трудиме да биде и нашето списание заедно со сите стручни соработници, техничкиот уредник како и со претседателот на Слоу Фуд Македонија Николче Николовски, кој е движечка сила на организацијата. За мене, задачата да пишувам, да избирам и уредувам содржини, да го конципирам изданието, да соработувам со другите автори на содржините е еден комплексен спој и можност за искористување на моите искуства како агроном, како поет и како новинар, за теми што се суштински како земјоделието, екологијата, храната. Првиот број ќе излезе во декември во електронско и во печатено издание. Особен акцент ставаме на едукацијата на децата преку проектот „Училишни градини-училници на иднината“ сметајќи ја за најважна едукациајта кај децата  за храната и за екологијата.  Ветувам дека ќе биде списание кое децата, наставниците, родителите и сите вистински почитувачи на животот и на природата ќе сакаат да го читаат и да го чуваат во своите библиотеки.

*Колку долго сте активист во областите кои ќе бидат дел од новото списание, што досега сте презеле во однос на екологијата, развојот на животната средина и слично, што сега преземете и какви се вашите планови за иднината во тој поглед?

-Се трудам она што го зборувам и она што сакам да го афирмирам и промовирам, да го покажам и на дело. Почнувам од себе. Зборувам за важноста на традиционалното земјоделство, за органското производство и за храната, затоа што сум дипломиран земјоделски инженер во насоката градинарство и цвеќарство на Факултетот за земјодеслки науки и храна во Скопје, затоа што мотика и колче, в рака држам од осум години, затоа што на пазар продавав од вишни и црежи, до мушмули и дуњи од дедовиот овоштарник, затоа што денес имам своја зеленчукова градина и затоа што деновиве чекам да ми стигнат новите овошни садници што ќе ги засадам есенва. Работата во природата и со природата е моја неисцрпна инспирација во се што правам, односно насочувањето и длабокото разбирање на природата е мојата суштина. Мотивите од природата ги преточувам во песни. Така се роди и книгата за деца „Заедно да растеме“ која опфаќа теми за екологијата и за овошните и зеленчуковите плодови, а со неа се дружеа и се дружат околу 3 000 деца од регионов. Подготвив и дванаесет раскази за деца со еколошка содржина кои како  рубрика „Екокатче со Вики и со Влатче“ беа објавувани на страниците на „Колибри“ во Нова Македонија. Секојдневно читам и учам за племенитите начини на производство на храна, учам за компостирањето, за подготовката на леите, за чувањето на семињата…Посакувам она што сега го стекнувам како ново знаење што поскоро да го применам во праксата.  Насочен сум кон еколошката едукација на децата затоа што мислам дека на тој начин се гради здрава основа за здраво и среќно човештво. Пред две години во дворот на ОУ „Велко Влаховиќ“ во Нови Сад, заедно со ученците засадивме липа-дрво на македонско-српското пријателство. Тие се грижат за „Филиповото дрво“, ми праќаат фотографии за да ми покажат како расте нашата липа, а јас напишав песна за тоа и им ја испратив. Ваквите нешта, се показател дека она што го правите има смисла.

*Да се биде агроном, значи добро да се познава природата. Онаа без која не можеме, а се чини ја заборавивме нејзината вредност, па сега притиснати од разни услови како да и се враќаме. Многумина се вратија на своите имоти или купија нови ниви и бавчи. Во што ја гледате иднината на човештвото-во враќање кон индивидуалното производство на овошје и зеленчук или ќе сонуваме храна во виртуелниот свет?

-Исчитав две илјади страници, односно  ги ислитав сите десет тома од едицијата „Ѕвонливите кедри на Русија“ од Владимир Мегре. Таму се вели „викендашите ќе го спасат светот“ мислејќи на луѓето кои имаат свои викендички а околу нив мали обработливи површини на кои на природен начин одгледуваат мали количини зеленчук и овошје за сопствените потреби. Јас силно верувам во тоа, а зошто е тоа така најдобро ќе биде да не објаснувам туку да им препорачам на вашите читатели да ја прочитаат книгата. Во оваа книга земјоделските поседи се нарекуваат „пространства на љубовта“ затоа што единствено живеејќи во дослух со природата, можеме да постигнеме внатрешен баланс, чисти чувства, животна радост и хармонија.

*А од каде се роди Вашата љубов кон агрономијата? Дали потекнувате од земјоделско семејство и бидејќи сте од Прилеп кој е познат по тутунопроизводството, дали сте одгледувале тутун?

-Иако многумина се зачудија за мојата одлука да студирам агрономија, во мене од најмала возраст живее љубовта кон одлгедувањето на растенија. Во тинејџерското мисловно распаќе и тешкотијата да одлучам што ќе студирам, доволно беше мало потсетување од татко ми за мојата голема љубов кон цвеќињата, овошките, зеленчукот, животните….Со дедо ми ја насадив првата бавча со зелечук кога имав десетина години. Оттогаш знам да копам со дурија и со мотика, да садам со колче, да размножувам сардели. Уште од основно образование разменувам расад за зеленчук и за цвеќе со моите соседи, ги познавам сортите на јаболка, уживам во бербата на грозје…Моето семејство е семејство на лекари, инженери, учители и правници, а земјоделието кај нас било само хоби, но заради мене мораа да прифатат да чуваат кокошки и зајаци, да садат бавча и да ги слушаат моите молби да насадиме тутун. Тутун никогаш не сме одгледувале и тоа додека бев мал ме правеше тажен. Како голем дел од моите другари да имаат тутун, а јас да немам. „Патилата“ си ги скратував нижејќи тутун кај соседите. И како што рековте и Вие тоа е бескрајно задоволство, да се ниже, да се изденува, да се разговара со нижачите, да се слуша радио и да се префрла по некоја кајсија, некоја слива, некоја варена пченка преку огромниот зелен куп од тутун. Еднаш по мое инсистирање дури и отидов на берење иако тоа се прави во раните утрински часови. Ме плени изгрејсонцето и тогаш почувствував дека токму руменилото на зората им дава енергија на тутноберачите да ја изржат напорната работа. Оти не треба само да се набере, туку треба и да се наниже, да се спрострат низите, да се соберат сувите низи, да се направи ручек за тој ден…Ах…мирисот на тутунот.  Да кажам дека голема улога во моето доразгорување на љубовта кон земјоделието имаат и селата во околината на Прилеп,  кои татко ми ги посетуваше како селски лекар, а особена улога има светиниколското село Кадрифаково од каде потекнуваат дел од роднините на мајка ми.

*Сега се свртуваме кон друга тема. Ве претставив како агроном и како уредник на списание што треба да отвори нови видици кај луѓето во однос на нивното здравје и на нивниот животен концепт, но она по што пошироката јавност Ве знае, и она за што сте лауреат на многубројни конкурси и манифестации е Вашата поетска дејност. Велам дејност затоа што кај вас тоа навистина е дејност, а не само хоби. Преку зборот преточен во стихови успевате да се поврзете со многу луѓе овде и во светот, да комуницирате со децата, со медиумите и да ја претставите нашата држава надвор од границите. Кажете ни поопширно каде се сте  настапувале и каде сте ја претставиле Македонија, каде сте имале промоции, поетски настапи, книжевни излагања…

-Списокот е навистина долг, но навистина кога станува збор за поетските настапи јас мислам дека не одам туку дека летам…Поетската искра уште како осумгодишник, низ годините се распламте во оган за кого секојдневно се грижам да свети и да топли. Зборот има и една посебна моќ а тоа е да отпатува и онаму каде што авторот не може да стигне…Така моите песни со мене или без мене, благодарение на препејувачите стигнаа во Индија, Израел, Русија, Романија, Белорусија, Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Чиле, Мексико, Пакистан…Мои книги се преведени на англиски, бугарски и српски јазик, а одделни песни или поетски циклуси препејувани и објавувани се на германски, ромски, грчки, хебрејски, италијански, француски,  белоруски, хрватски, словенечки, романски…Некои од манифестациите на кои сум учествувал се „Си било еднаш едно дрво“ во Израел, „Поетски прозорец кон цветот“ (онлајн манифестација што десет седмици за време на крантинот ја органзираше Хрватското книжевно друштво), Денови на пријатели на книгата, Море на дланка и Дубровник на дланка во Хрватска, „Сараевска зима“во Босна и Хервеговина, , „Мелнички вечери на поезијата“ и „Белоцветните вишни“ во Бугарија, Меѓународниот саем на книгата во Белград, Панонски бисери во Нови Сад, „Гласот на поезијата“ во Италија, Струшките вечери на поезијата, книжевните манифестации „Илинден“, „Денови“ и многу други.  Без разлика дали ја претставувам сопствената поезија, дали промовирам нечија книга или водам некој книжевен настан, пристапувам со иста радост. Живеам за тие мигови и во тие мигови чинам сум најжив.

*Да се добие награда на градот е нешто за што сонуват сите оние што се занимаваат со општествена дејност и работат со децении во своите области очекувајќи дека еден ден можеби ќе ја добијат. А Вие на дваесет и четири години ја добивте дипломата „3 Ноември“ на Град Прилеп. Што значи ова за Вас и каква е емотивната поврзаност со оваа награда, но и како гледате кон неа од денешен аспект?

-Да, во ноември 2019 на свечената седница на Советот на Град Прилеп, меѓу другите наградени и мене ми беше доделено највисокото градско признание-диплома „3 Ноември“ за афирмација на македонскиот јазик и образованието. Па да Ви кажам искрено, тоа е емотивно најзначајната награда за мене. Да се твори во областа на литературата во градот Прилеп, од каде потекнуваат Григориј Акиндин, и Никодин Прилепско-Тисмански, да се создава литература во градот на Цепенко, Кепески, Конески, Чашуле, Попов, Попоски и Милчин е голема одговорност. Дејноста и значењето на овие големи имиња е завет и аманет што ме обврзува не само да создавам поезија, туку да го ширам македонскиот збор секаде онаму каде што ќе стигнам. Поетскиот порив кај мене е еруптивен вулкан кој не може да се спречи и да згасне, пишувањето и рецитирањето на мојата поезија се моментите кога најмногу си припаѓам на себе си, размената на емоции со публиката е извор на огромно количество позитивна енергија, и штом сум задоволен од себе, по однос на напишаното, штом публиката тоа го сака, го вреднува и го прифаќа, наградите доаѓаат како потврда, круна и поттик.

*Веднаш по дипломирањето на Факултетот за земјоделски науки и храна што се случи во јули годинава, Вие запишавте втор факултет кој нема допирни точки со првиот а тоа е Педагошкиот факултет во Битола на насоката за македонски јазик и книжевност.  Сега веќе офорувате две професии за кои сакате да бидете стручно високо едуцирани. Што ве привлече кон тоа?

-Знам дека ќе ви звучи чудно и необично-ама сето тоа што јас го правам за мене е едно. Земјоделството ме прави близок до природата, а блискоста и љубовта кон неа, низ мене се преточуваат  во  поезија, таа ме учи да се сакам себе и да ги сакам луѓето, а љубовта кон човештвото ја давам преку дружбата со неговите најмали никулци-децата. Плус сум познат по студирањето на „неатрактивни“ факултети. Се запишав на Факултет за земјоделски науки и храна во време кога се уште владееше мислењето дека таму се запишуваат слабите ученици и дека земјоделието е работа која секој може и знае да ја работи. Мислам дека сега односот кон земјоделието е поинаков. Есенва пак на Педагошкиот факултет во Битола, ја избрав насоката за професори по македонски јазик и книжевност во време кога голем број родители ги советуваат децата да учат странски јазици, затоа што мајчиниот јазик им е непотребен, во време кога се плука по македонскиот јазик од разни страни и во време кога често самите говорители  си го валкаат.. Јас сум бескрајно вљубен во мојот мајчин македонски јазик, тој ми е средство да ја искажам радоста и тагата, да споделам љубов и добар збор и на хартија да го пренесам она што го чувствувам. На крајот, ќе речам дека учејќи само сакам да станам пообразован, повоспитан и посвесен за важноста на зачувувањето на природата, важноста на производството на храна и важноста беспрекорно да се знае „јазикот-воздишката низ која првпат сме заплакале“ (Гане Тодоровски).  Така ќе имам можност со љубов да го пренесам тоа што го сакам и тоа што го знам.

*Пишувате и објавувате книги, а во последно време имам впечаток дека сте повеќе насочени кон творештвото за деца. Кој е жанрот и тематиката на Вашите книги и каква книга во скора иднина да очекува Вашата читателска публика?

  Годинава одбележувам, можеби мал, но за мене значаен јубилеј-десет години од објавувањето на мојата прва книга насловена „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ наградена со печатење и објавена во Битола. Потоа во 2014 следеше книгата „Божилак на исконот“  со свое македонско, бугарско и српско издание, која ме втурна во посериозните книжевни кругови, па книгата „Во градината има само љубов“(2018) која доживеа бугарско, а пред печат е и српското издание, и книгата „Заедно да растеме“(2018) која Хрватското книжевно друштво ја прогласи за најдобра книга за деца во регионот и која доживеа спрско издание и плакета „Сима Цуциќ“.  Сите овие книги се поетски. Иако пишувам и проза, и новинарски текстови и научни трудови, сепак во однос на уметничкиот израз поезијата ми е на прво место. Подготвив и книга со дванаесет раскази за деца за која  се надевам дека наредната година ќе биде објавена. Десетгодишната соработка со додатокот за деца „Колибри“, одржаните четириесет работилници и предавања, дружбата со децата од регионов, десетгодишната работа како член на одборот и водител на Детскиот литературен фестивал „Ракатки“, соработката со издавачките куќи „Едука Мак“ и „Просветно дело“, учествата на манифестациите поврзани со детското творештво како „Детски Рацинови средби“, „Пролет на Сима Цуциќ“, „Да бидам, да бидам“, „Читалчиња“, „Средби под јаворите“ беа и се инспирација за создавање на литература за деца. Големото прифаќање од страна на децата, за мене е едно од најбавите нешта што ми се случило и ми се случува. Обостраната љубов меѓу мене и децата и мојата идеја дека имам должност да поттикнувам на љубов, убавина,ведрина, писменост и еколошка свест е инспирација за нови песни кои се надевам ќе станат дел од моите нови книги за деца. Поезијата за возрасни пак, ако може така остро да се подели поезијата, е оној мој израз во кој на едно подлабоко ниво го искажувам моето чувство за важноста на врската природа-човек. Изјавите  како „песнава ми го смени животот“ не може да ги замени ни една награда. Поттикот да пишувам е во мене, ама поттикот да објавувам и да споделувам го прават токму ваквите коментари.  Оваа 2020 година ми донесе многу лични и професионални пресврти и од мене конечно изнедри една книга со оригинален концепт насловена „И каменот има душа“. Станува збор за книга што содржи само една моја  песна, а на 14 јазици, односно на сите словенски јазици што денес се говорат. На оваа книга работеше професионална екипа од дури дваесет и тројца препејувачи, коректори, рецензент, илустратор, технички уредник…Книгата е во печат и нетрпеливо чекам да ја имам в рака. Станува збор за книга која повеќе ја засега научната јавност што не значи дека нема да му биде достапна на секој љубопитен трагач по зборовите.

-Често се јавувате како рецензент на книги или член на жири комисии на литературни конкурси во Македонија и во регионов. Што повеќе Ве инспирира, читањето на туѓата поезија или процесот на создавање на сопствената поезија и  предавањето на читателот да ја оцени?

-Благодарен сум за честа и можноста преку жирирањето и преку прочитувањето на книги за кои пишувам рецензии, да се сретнам со делата на многу творци. Штом некој ме повикал да членувам во жири или да пишувам за одредена книга, значи верува во мене, во моето чувство, знаење и етика. Среќен сум за таа привилегија.  Да се чита и оценува нечија поезија и да се создава своја, се сосема два различни процеси. Слатко е да уживате во нечие писание, а неповторливо е да го живеете мигот кога ги пишувате сопоствените стихови.  Сепак, процесот на создавање на своја поезија е незаменлив и не може да се опише. Но, ако она што го пишуваме не го споделиме, ако не го подариме она што нам Бог ни го дарил, нема смисла. Затоа солзите, насмевките, коментарите по моите настапи во живо се нешто највистинито и најскапоцено за мене. Она што е кажано и покажано во мигот-тоа е вистинското.

*Уште еден знак на ваш квалитет и ваше препознавање е  правењето на интервјуа со познати личности од регионот кои оставиле голем белег во животот овде на Балканот. Сега многу ретко се среќава млад човек што има почит и пиетет кон возрасните. Што Ве мотивираше Вас да разговарате со овие легенди што оставиле трајни вредности и раскажете ни за интервјуата направени во Македонија, Србија и Хрватска.

-Мене ме возбудува феноменологијата на животот. Зарем не е прекрасно што сме родени, што дишеме, што одиме, што јадеме, што љубиме…? Колку е совршено нашето тело! Колку е прекрасен светот! Го љубам животот, а таа љубов уште повеќе ја поттикнуваат оние луѓе кои живеејќи и давајќи му живот на животот, успеале и успеваат да живеат дури и повеќе од десет децении.  Се започна со мојата љубов кон легендарната музичка уметница Тереза Кесовија. Првпат нејзина песна слушнав во Канада во 2007 година и оттогаш до ден денес таа е моја омилена пејачка. Љубовта и пак љубота беше таа што ме направи решителен дека треба да се сретнам со Кесовија и да направам интервју со неа. И успеав. Ресторанот на хотелот „Еспланаде“ беше нашето место за средба. Едноставност, срдечност големина кај неа, возбуда, радост и трема кај мене. По два часа, таа плачеше од песната што јас и ја посветив нејзе, а јас дури тогаш се свестив дека пред мене цели два часа беше големата Тереза Кесовија. Животното искуство, творечката и животната енергија, професионалноста и потенцирањето на важноста да се биде човек пред се е она што ме мотивира да разговарам не само со Кесовија, туку и со Мира Бањац, Бранка Веселиновиќ, Љубивое Ршумовиќ, Ѓорѓи Филиповски.  Интервјуата со овие брилијантни срца и умови се објавени на страниците на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Посебно ми значи што инервјуто со сега веќе покојниот проф. д-р Ѓорѓи Филиповски, еден од основачите на МАНУ, на УКИМ и на ФЗНХ, се најде на насловната страница на „Нова Македонија“. На оние што ќе го читаат овој наш разговор, само да им најавам дека ќе следат уште вакви интервјуа…

*Вие сте и агроном, земјоделец, новинар, поет, уредник, рецензент,  студент, активист со многу активности, успеси и постигнувања. Чудно е како успевате да го постигнете сето тоа. Би требало да ни го објасните Вашиот стил на самоорганизраност. Дали  на тоа се должи Вашиот успех или тајанта е во нешто друго? И најпосле како млад човек би Ве прашала кој е Вашиот сон?

-Благодарен сум им на Бог и на Природата што ми дариле прво добро здравје, а потоа и голема енергија. Можеби звучам банално, но љубовта со која пристапувам кон се што правам е најголемата причина за успех. А што е успех? Ако успех значи да си среќен, мене работите направени со љубов ме прават токму таков. Таа движечка сила, дава и волја, волјата дава сила, умот ја контролира силата, а со помош на дисциплината и работењето резултатите доаѓаат спонтано. Нема никакви тајни ниту формули. Кој е мојот сон? Мојот сон е да продолжам да живеам во мојот град Прилеп и одгледувајќи ја зеленчуковата но и духовната градина, да бидам богат со среќни моменти, добри луѓе и искрени насмевки.