Сунчица Уневска
Има еден чуден синдром во македонскиот филм. Постојано добиваме некои продукти кои треба да се филмови, но во себе го немаат ниту основното. Можеби би требало да се вратиме на почетокот и да го поставиме прашањето, што е филм и за каква уметност овде воопшто зборуваме? Во нашата земја постојат и Ликовна академија, и Музичка академија, а постои и Факултет за драмски уметности. Не случајно, бидејќи сепак има работи кои мораат да се научат и да се владеат за, воопшто, да можете да се занимавате со било која од овие уметности. Но, кај нас, и покрај бројните укажувања, со години, дека има проблем на нашата, да ја наречеме, филмска академија, сепак, со години не се промени ништо. Напротив. Затоа и не треба да нè чуди што одамна не можеме да зборуваме за некаква генерација на филмски автори, туку дефинитивно, секој успех што се случува во поглед на македонскиот филм е инцидентен или во него главно е инволвиран некој кој учел и на друга академија (во странство). Едноставно, нашите филмски автори, особено режисери и сценаристи, не го научија и не го владеат филмскиот јазик. И тоа е така, нема впрочем тука ништо ново, само се трудиме да не се повторуваме со години. Нема да навлегувам во детали, нема да зборувам за професори, за предавања, за пренесување на знаењето и можноста студентите да го научат филмскиот занает, нема да зборувам овде за причините. Кажав доволно. Сепак, низ уште еден филм, повторно ќе зборувам за последиците. За жал.
Поводот, секако, ми е најновиот македонски филм, „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски. Зошто сега, од проста причина, што сега игра во кино и сега ѝ е достапен на пошироката публика. Го гледав филмот во „Синеплекс“ заедно со уште тројца гледачи, и не е ни тоа чудно, бидејќи главно македонските филмови не будат интерес кај домашната публика. А, се разбира, има и зошто. Морам да кажам дека некои мислат дека сум многу строга, но очигледно дека не е така, бидејќи за овој проблем веќе одамна не се пишува, а и факт е, генерално, дека ретко кој пишува. Можеби и не мислат така, но резултатите зборуваат многу гласно и многу убедливо. А позната вистина е, дека ако нешто сакате да биде подобро, треба да бидете искрени, се ценело тоа или не. Иако овој принцип, како и сè друго, кај нас исто така не важи.
Како и да е, да се осврнеме на филмот „Ефектот на среќа“. Да, мора да кажам дека „Ефектот на среќа“, секако, е многу позитивен филм, убаво насликан, пријатен за гледање, со ефектни кадри, одлична музика, преубави девојки, прекрасни бои и често, добро замислена структура на кадарот. Но, дали имаме филм? Не. „Ефектот на среќа“ по којзнае кој пат ја повторува истата грешка или да не речам „тенденција“ во македонскиот филм и зборува индиректно, нѝ раскажува некакви зададени ситуации, си прави некои фантазии и во нив вметнува сè можно што има научено, што на моменти и може да е интересно, но филм нема. Тоа е еден колаж од слики, една фантазија доловена низ раскажувањето на прекрасната Леа Велевска, чија сексапилност е силно нагласена (и морам да кажам ефектна), една тажна, но и среќна приказна истовремено, која треба да проговори за состојбата на духот, но и за човечката борба, во сè, па и во несреќата, да се обиде да ја најде смислата. Така вели и Борјан, дека во овој наплив на црни филмови во регионот, тој сакал да направи филм за среќата. И, што со тоа?
Интересно е дека многумина го нарекоа експериментален, а веројатно така верува и самиот автор. Но, „Ефектот на среќа“ е сè, само не експериментален филм. Како што реков, сепак, ќе мора да се вратиме на почетоците и да поразговараме за тоа, што е всушност експериментален филм? Бидејќи, „Ефектот на среќа“ е чиста спротивност од експериментален филм, напротив, тој е целосно конвенционален, единствено има замислено некаква си симпатична, еуфорична идеја (се разбира, поврзана со универзумот) дека верувањето во среќата може да направи чуда и тоа и се обидува да го долови. Симпатично, убаво, забавно, визуелно атрактивно и позитивно. Да, на моменти дури може да предизвика и емоции, бидејќи, како што рековме, станува збор за класична приказна каде што умира млада девојка, која се обидува зад себе да остави трага на тој начин што ќе предизвика нешто позитивно, нешто убаво, нешто содржајно, кое едноставно ќе ги мотивира другите. И, да, тоа е убаво, тажно и умее да понесе, иако во филмот е далеку од тоа дека оваа идеја вистински понесува и нешто успева да мотивира.
Не, сè во филмот останува на површината, сè во филмот останува замислено, а не доживеано, за него само се зборува, но никаде го нема. Да, се враќаме повторно на почетокот. Каква уметност е филмската, ако не визуелна? А визуелното не го носат раскажувањето и сликите (па колку и да е тоа ефектно), визуелното го носат настаните, животот, играта, емоциите, допирите, вистинитоста на чувствата, и искреноста. Како можете да го почувствувате позитивниот бран ако не ве понесе. Низ фантазиите и прекрасните меури од сапуница кои треба да асоцираат на убавите сеќавања од детството, на калеидоскопот и рефлексијата од бои и желби, на сето она што го носиме во нас и сакаме да го задржиме. Најубавите мигови. Така вели Леа, дека се сеќава само на среќните моменти.
Навистина убаво, но ќе беше многу поубаво ако сето тоа го почувствувавме и доживеавме, или па и допревме, низ филмот. Да, Борјан имал идеја, но немал приказна. Тој дури има познати или да речам успешни соработници сценаристи, Огнен Георгиевски како косценарист и Дејан Дуковски како советник. Но, не ја сменија идејата на Борјан, бидејќи таа е толку позитивна и совршена во својата замисла…, но многу далеку од оживеана, можеби сепак ќе ни треба Афродита за да можеме да ја оживееме и навистина да уживаме во неа.
Се обидува Борјан да му даде на филмот и тежина зборувајќи за здравствениот систем, зборувајќи за семејната приказна на Леа, а особено низ приказната за нејзиниот брат Игор. Но, дури тука уште повеќе паѓа, бидејќи сака да каже нешто толку пати слушнато, но не знае како. Родителите се претвораат во декор, а Игор во една трагична личност која треба да изговори некои клучни зборови за животот, за љубовта, за семејството, за да сфатиме што??? Тука е и Ана нејзината пријателка, која заедно со Леа на моменти треба да ја донесе живоста, дијалогот, невиноста, играта, споделените мигови, но тоа е толку безживотно, исто како и другите убави слики, што единствено совршено се вклопува во „пејзажот“, па како и да го сфатиме. Но, филм не добиваме, нивното другарство е исто така декор, како и љубовните сцени со нејзината „двојничка“ Гала, но не и суштина, онаа суштина која недостига во целиот филм.
Не би зборувала за улогите, бидејќи, како што веќе реков, филм нема. Има само замисленост и контемплативност. Секако, има преубави кадри, градот се чини не бил поубаво насликан во филм и има ефектна музика. Ако не очекувате филм, во „Ефектот на среќа“ и во неговите наместени кадри можете и да уживате. И тоа не само заради сцените, туку и заради идејата. Да, тоа е убава идеја, во целиот наплив на лудило по социјалните мрежи, „хепинес челинџ“ звучи супер. Ајде навистина да кажеме што не прави среќни. Мене, искрено, најсреќна ме прави кога ќе видам добар филм, кој ќе ме допре толку многу што ќе предизвика таков бран, чија силина не исчезнува. Барем не така лесно, како замислените меури од сапуница. И морам да кажам дека е многу смешно кога сите се радуваат и ги мерат работите според тоа дали сте биле на некој (кој и да е) фестивал, или сте добиле и награда. Не, навистина, не само што нѝ се извртени разбирањата и очекувањата од филмот, туку не знаеме ни кога вистински некој филм добива релевантност. Ајде да го започнеме тој бран, еве „филм челинџ“, само нека почне, па дури и не е важно дали ќе заврши, важно е само да трае, бидејќи на тој начин можеби конечно ќе сфатиме дека многу нешто тука не ни е јасно.
