Франција ќе стане првата земја што ќе го вклучи правото на абортус во својот Устав

53

Како што објави „Еурактив“, Франција ќе стане првата земја што ќе го вклучи правото на абортус во својот Устав, што ќе испрати силен сигнал до жените ширум светот, изјави активистот Албан Гајо, кој се занимава со планирање на семејството.

Францускиот парламент на крајот на ноември го усвои предлог-законот за вклучување на правото на абортус во Уставот. Се очекува предлог-законот да се најде во Сенатот на 1 февруари годинава. Гајо вели дека од суштинско значење е пристапот до абортус да биде запишан во Уставот.

– Ова е важно бидејќи значи дека правото на абортус е признаено како основно право – рече Гајо.

Освен силната симболика, пишувањето на правото на абортус во Уставот би гарантирало пристап до абортус без оглед на политичкото мнозинство на власт.

– Она што е дозволено со закон може да се укине со друг закон. Мораме повторно да ја потврдиме заштитата што сакаме да му ја дадеме на абортусот – рече пратеничката Матилда Пано и додаде дека со внесувањето во уставот се даваат дополнителни гаранции дека тоа нема да се случи.

Откако Врховниот суд на САД го укина уставното право на абортус на 24 јуни 2022 година, оставајќи ѝ на секоја држава да одлучи дали ќе го задржи ова право или не, европратениците побараа во резолуцијата усвоена минатиот јули правото на абортус да се вклучи во Европската повелба за основни права.

Тоа барање сега мора да биде разгледано од Европскиот совет, но земјите-членки се поделени по ова прашање и едногласноста се чини неверојатно. На пример, абортусот е целосно забранет во Малта, а жените кои се подложуваат на процедурата или купуваат апчиња за абортус ризикуваат до три години затвор, додека во Унгарија, жените кои сакаат да абортираат се принудени да го слушаат чукањето на срцето на фетусот пред да им биде дозволено да абортираат.

А. Накова