дома Живот Цветин со цртани цветови ќе ги дарува божиќните бебиња

Цветин со цртани цветови ќе ги дарува божиќните бебиња

32

По повод Божиќните празници, веќе традиционално, македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин им подарува “Мироносни цвеќиња” на сите новороденчиња кои доаѓаат “како цвет на овој свет” во деновите 7, 8 и 9 јануари.

Годините наназад, Цветин своите цветни подароци ги даруваше во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар, како и преку Специјалната болница за гинекологија и акушерство “Мајка Тереза” во Скопје.
Годинава тој ќе подари над 60 свои мироносни цвеќиња на радоста, љубовта за сите новороденчиња во Специјалната болница за гинекологија и акушерство “Мајка Тереза”, што ќе се родат на Божиќ. Раѓањето на Исус Христос симболично е преку раѓањето на дечињата кои носат радост и љубов на луѓето, вели Цветин.
Поповски, своите подароци ќе ги врачи на мајките за нивните деца на 8 јануари 2019 година во 10 часот во СБГА “Мајка Тереза”, Чаир, Скопје, каде Цветин во 2003 година имаше изложба “Цвеќе на радоста, љубовта”, а неколкупати потоа исто така подари свои мироносни цвеќиња во оваа специјална болница.
Во една прилика, Отец Стефан Санџаковски, покрај другото ќе напише: Маестро Поповски се интересира пред сé за она што е вечно во минливите облици на животот. Заради тоа, статичните белези на неговото сликарство се привидни. Зад него се крие еден динамизам чија природа е внатрешна. Очебиен е напорот на Маестро Поповски да ги врамнотежи духот и материјата, вечното и минливото, Бога и човекот, природата и метафизичкото.
Маестро Живко А. Поповски ја негува убавината на историјата на светот, во цветот. Таа убавина е проникната од Вечната убавина, за која Достоевски бесомнежно сведочеше, дека “ќе го спаси светот”. Оттаму и сликарството на маестро Живко Поповски е иконообразно по мерата од трагањето по изгубеното рамновесие.
Настанот е во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции “Гороцвет” во соработка со ЛК „Кале“ и ЛК „Вардар“, а годинава се вклучува и Црвениот крст на град Скопје, при што на поранливите категории на семејства дополнително ќе им бидат поделени бебешки пакети по враќањето во нивните домови.