Сенатот на Шпанија денеска на пленарна седница без ниту еден глас против, го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, информираше на денешната прес конференција министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Седницата се одржи со видеолинк, сенаторите гласаа без физичко присуство во Сенатот, бидејќи поради пандемијата со коронавирусот Шпанија е во категоријата на високоризични држави.

-Во име на Владата и сите македонски граѓани изразувам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, до министерката за надворешни работи што ова прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на прес-конференцијата во Владата на која учествуваше и шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.

Шпанија беше последна држава што требаше да ја заврши постапката за ратификација. Со ратификацијата на пристапниот Протокол од Сенатот и неговото потпишување од страна на шпанскиот крал, ратификацискиот инструмент треба да биде депониран во Стејт Департментот.

Димитров истакна дека со ова го завршуваме тридеценискиот процес за влез во северноатлантското семејство. А.Р.