За германскиот маг на филмот, Вим Вендерс, филмската критика е во неприродна врска со филмската индустрија. Според Вендерс, во доба на конзумеризам, критиката низ целиот свет, од Америка до Европа, се грижи за филмската индустрија, наместо да биде нејзина противтежа. И тоа е навистина така, ако внимателно се анализираат овие текови, иако постојат проминентни имиња од критиката кои го докажуваат спротивното.

И кај нас, филмската критика, со сите задршки, често знаела да им намигне на режисерите, но како за релативно мала кинематографија, се обидува да го зачува себството и да биде критика поради критиката, во манирот на ларпурлартизмот. Сепак, за оваа промислувачка дисциплина да опстои во каква и да е форма, требаат минимум пари. Е тоа е проблем.

Во тој однос, се чини најгорливо прашање се затворените редакции за култура низ медиумите (кои никако да се ревитализираат по системското уништување), слабиот интерес на огласувачите да ја поддржат оваа мошне важна дисциплина, или, административните државни тела, на пример, кои ценат дека за филмска критика годишно топтан треба да издвојат 1.500 евра… Погледнете едно издание на централните вести и ќе ви стане јасно дека културата ѕирка зад вратата на дневно-политичките настани.

Кога сме кај парите, јасно е дека бруталната комерцијализација на медиумскиот простор ги пеплоса сите вредносни вертикали кои градеа систем и ја промислуваа уметноста на иманентен начин. Со ловот по кликови, публиката која има вредносен рафинман во поглед на културата, останува скратена за можноста да добие барем неколку рефлектори на уметничката критика. Процесите се до толку отровни, што ако во 1980-те и 1990-те постоеле списанија за уметничка критика (секако не само филмска), денеска тоа е „луксуз“, зад кој мора некој да застане, а тоа се или државата или огласувачите. Тие пак, согледувајќи го претежно профитот, повеќе имаат интерес да се огласуваат во медиуми „клико-ловци“, отколку во списанија кои ја третираат естетиката и уметноста.

Да се пишува уметничка критика, а особено филмска, во земја која за печатење на месечник за филмска критика издвојува само по 7.500 денари месечно, е подвиг кој сè уште се потпира само на упорноста на тимот и на идејата дека критиката значи кислород за секое дело. Додека државата цени дека има други поважни приоритети за финансирање во културата, единствениот месечник за филмска критика е ставен на апарати за дишење. Од годишниот конкурс за финансиска поддршка на проекти во културата доби вкупно 90.000 денари годишно. За сметка на тоа, новоформирани списанија кои допрва треба да го најдат својот пат до публиката, не само во буквална туку и во аксиолошка смисла, добија по 500 илјади денари. Овде природно се отвора ѓаволскиот круг со дилемата, каде е проблемот.

Но, ова не е текст за ламентирање на потценувачкиот износ на средства кој не е доволен за печатење за едвај три броја на весникот, туку е индикатор дека филмската критика во оваа форма не е од особен интерес на комисиите што ги вреднувале проектите. Навредливо е списание за филмска критика да се гледа низ призма на одмерување на суми и износи, но уште понесериозно да се остави да хибернира единствениот месечник односно да ги собира сите атоми сила да остане жив вредносен семафор за филмофилите, филмаџиите, но и за сите граѓани.

Ако се земе предвид последниот пулсирачки јавен одглас за незапаметените успеси на „Медена земја“ и прашањата за тоа дали и зошто нема доволно филмска критика во Македонија, одговорот е јасен. Не е далеку ниту тезата дека за ваков тип публикации, огласувачите навистина немаат комерцијален интерес. Списание за филмска критика може да чита одмерена и избрана публика, која секако дека не е во фокусот на општествените маси, но генерално културата во својата ДНК е за одбрано друштво, означено низ историјата како „елитно“. Кој е епилогот? Целосно замрзнување на сите форми на публикувана критика кои тлеат како билки.

Освен тоа, честопати наместо критики читаме коментари. Уште повеќе што тие коментари некој ги прогласува за рецензија. Затоа е потребен вредносен репер што ќе цени, а не ад хок текстови кои ќе се појават само по домашните проблесоци во интернационалните хоризонти.

Принципот на државата „да има за сите по малку“, според кој се прави баланс за секој да добие по малку и сите да бидат еднакво (не)задоволни, е токсичен. На крајот, повеќе средства (за издаваштво) добиваат  списанијата и книгите со „Wanna-be“ маркер, отколку оние со реноме и континуитет.

Зошто е важна филмската критика? Затоа што поставува вредносни орбити околу кои гравитира естетскиот распон, затоа што им го продолжува животот на филмовите, затоа што сецира, преиспитува, обмислува и сопоставува, или едноставно затоа што говори метајазик за филмскиот јазик.

Списанието „Филм+“ кое излегува од октомври 2016 година е мислечкиот филмски крвоток на плејада режисери и филмови, што оставиле траг во филмската историја. Десетици интервјуа со домашни и странски проминентни режисери, оскаровци, директори на фотографија и уште повеќе критички осврти за филмовите, филмски фестивали и сл.

На крајот, уморни од апелирање, повикувам само на ревидирање на приоритетите и враќање на фокусот кон вистинските вредности, кој, за волја на вистината, до пред година две, беше почнал да се избиструва, иако најновите тенденции повторно се чинат ретроградни.