дома Култура Литература Јубилејно 30. издание на Саемот на книга од утре до 9 мај

Јубилејно 30. издание на Саемот на книга од утре до 9 мај

29

Под слоганот “30 години читаме со задоволство”, утре почнува јубилејното  30. издание на Саемот на книга кое годинава Скопски саем ќе го одржи под покровителство на Mинистерството за култура, на нова локација во – ВИП Арена Борис Трајковски. До 9 мај на саемот учество ќе земат 70-тина издавачки куќи од Македонија и од регионот (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија).

Се очекува зголемено присуство на посета на ова јубилејно издание на саемот и да ја надмине бројката од редовните 40.000 посетители. По повод 30. јубилејно издание на Саем на книга, Скопски саем за сите организирани, групни посети на ученици обезбедува бесплатен влез. Донацијата за влез на ученици се обезбедува со цел промоција на најмасовната културна манифестација во земјава, популаризација на книгата и негување на читателската публика уште од најрана возраст.

Скопски саем како организатор на Саемот на книгата 2018, покрај изложбено-продажниот дел на саемот ќе адаптира посебен простор во халата-Промотивен центар за потребите на издавачките куќи каде секој ден од 3. до 9. мај ќе се одвиваат различни настани, промоции, дружби со автори, семинари. Во рамки на програмата на Промотивниот центар влегува и доделувањето на наградите во организација на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), во сабота на 5 мај, во 18 часот како и доделувањето на награди организирано од страна на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ), во вторник на 8 мај во 19 часот. Сите посетители до 9. мај ќе можат да проследат промоции на издавачките куќи, но и да набават книги со саемски попусти до 70 отсто.

За подобар пристап до Саемот, на барање на Скопски саем, ЈСП  воведе две нови автобуски линии од различни краеви на Скопје со број 100/1 и 200/1 кои ќе водат до ВИП Арена „Борис Трајковски”, а влезот за сите групни, организирани посети на ученици ќе биде бесплатен. Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот. Цената на редовната влезница изнесува 30 денари.