На 06 јуни (среда) во Македонскиот Народен Театар, со почеток од 20 часот, со свечена академија беше одбележан јубилејот 70 години континуирана работа на Детскиот Културен Центар „Карпош“.  На настанот, присутните гости можеа да го проследат краткиот документарен филм за Центарот именуван како „Наш Дом… Отсекогаш“ и да уживаат во богатата програма сочинета од различни точки изведени од сегашни и поранешни членови на ДКЦ „Карпош“. Како дел од оваа свеченост, на поранешните членови – Ѕвезди на Детскиот Културен Центар, меѓу кои Симон Трпчевски, Сузана Спасовска, Зоран Џорлев, Дејан Лилиќ и многу други, им беа доделени почесни плакети, а свое обраќање кон присутните имаше Директорот на ДКЦ „Карпош“, г-ѓа Ружа Ѓорѓеска.

„Децата се нашето богатство и иднина. Токму затоа нашата Институција е посветена на осмислување и организација на активности преку кои децата може да ги остваруваат сопствените соништа. Само така, со песна, музика, слика, творба, оро и сè што претставува лична креација секое дете има можност за развој на личниот талент, за дружење, солидарност, ширење на пријателство и слободно мислење. Фокусирани на сите полиња кои го сочинуваат мозаикот на културата, раководството и сите стручни соработници вложуваме напори секциите во рамки на ДКЦ „Карпош“ да ја продолжат традицијата која непрекинато се гради и одржува, веќе 70 години“, изјави Ружа Ѓорѓеска, Директор на ДКЦ „Карпош“.

На свечената академија свое обраќање имаше и градоначалникот на Град Скопје, г-дин Петре Шилегов, а на настанот присуствуваа и многу пријатели и поддржувачи на Центарот, познати македонски јавни личности, како и сегашни и поранешни членови на ДКЦ „Карпош“.