Оваа година за ценетата професорка Љиљана Атанасова од Скопје беше многу успешна, заокружување на сиот нејзин беспоштеден труд, голем успех и високи резултати кои ги постигна за време на својата наставна дејност.
Ви ги честитам сите успеси и пензионирањето. Најпрво би ве прашала што за Вас претставуваше најголем личен успех и сатисфакцијата?

-Срдечно Ви благодарам за честитките и посакувам Вие и сите луѓе да си дочекаат пензија со радост и спокој како мене. Најголем личен успех за мене, не би можела да издвојам, зашто подеднакво сум се радувала на сите успеси. Имав среќа што за себе ја избрав најблагородната професија – учител (најмило ми е така да се претставувам) и успешно да ги спојам љубовта кон децата, љубовта кон литературата и просветителската дејност. Секој успех е многу значаен и, според мене, тешко се мери нивната „големина“. Понекогаш и многу мали успеси носат голема радост, особено ако со нив е усреќено некое дете, некое семејство… Затоа постојана сатисфакција и движечка сила ми беше, и ми е, љубовта и меѓусебното разбирање меѓу луѓето. Уште на почетокот од мојата наставничка кариера, со неполни 10 години работен стаж, квалитетот на мојата работа беше забележан од моите претпоставени, и навистина сум горда што оттогаш сум носител на звање “Истакнат педагошки работник”, кое го добив од Министерството за образование на Република Македонија. Но, тоа јас го примив и како обврска дека секогаш треба да вложувам многу труд, знаење и љубов, и да се истакнувам во својата работа. Така и беше, со максимална посветеност работев до последниот ден. Во мигот кога почувствував мала фзичка слабост, знаев дека токму тогаш е времето кога својата работа треба да му ја препуштам на некој млад наставник кој ќе продолжи да се справува со предизвиците, а во наставничката професија, верувајте, ги има многу.

Во ноември Здружението на просветни работници на Град Скопје Ве награди со награда за Вашите животни остварувања во професијата, импресивно беше да се слушне дека тивката професорка, која оди во пензија, зад себе досега има напишано дури десет книги. Кога успеавте?

-Голема е честа да се биде “Просветен работник на годината на Град Скопје”, избран од “Здружението на просветните работници”. Ја изразувам својата благодарност до Здружението, до Комисијата, до сите мои колеги просветни разботници и среќна сум избрана во категоријата Одделенски наставник. Особено се радувам што Здружението има изградени јасни критериуми и Јавен повик (оглас), на кој што може да конкурира секој наставник сам, или да биде предложен и поддржан од Наставничкиот совет (како што и бев јас). Кога почнав да ја подготвувам документацијата што требаше да ја доставам до Здружението на просветните работници на град Скопје, истово прашање самата себеси си го поставив и јас: „Кога и како сум успеала да наполнам еден патнички куфер со дипломи, признанија, благодарници, сертификати, да напишам како автор и коавтор пет учебници и прирачници за наставата по Македонски јазик, два романи за деца, две збирки раскази за деца и една поетска збирка за возрасни. Времето и континуираното работење, и веројатно големата љубов го овозможиле тоа. Првата своја книга „Патување со компјутерот“ (роман за деца)ја објавив во 1994 година, а последната „Теми и дилеми“ (раскази за деца) во 2021 година. За толку долг период, реално и не се многу книги. Ама, јас никогаш и немав цел да ги бројам книгите. Единствено важно ми беше да ја задоволам својата внатрешна потреба да читам и пишувам. Си се радувам на секој напишан расказ, на секој стих, а тие си се редеа како росни капки, ненадејно. Неочекувано извираат од мене во мигот што за нив е „наречен“. Секогаш спонтано, без усилба во нивното создавање, а уште помалку во нивното печатење.

Може ли да ни претставите за што зборуваат тие книги? Со каква инспирација се пишувани, во кој временски период се создавани?

-Мојата прва песна за деца во списанието “Развигор” ја објавив во далечната 1992 година. Оттогаш се отворија вратите на моето творечко „царство“. Поддржана од тогашниот уредник на списаните, познатиот писател за деца г-дин Киро Донев (подоцна и директор на “Детска радост”) кој го воочи мојот талент и желба, почнав да размислувам, да истражувам и открив дека токму детското списание “Развигор” е моето катче во кое ќе ги спојам љубовта кон литературата и својата професија. Така, од 1996 година почна моето долгогодишно патување од науката до детските срца, Сѐ до 2014 година бев надворешен соработник- уредник на рубрики во списанието “Развигор” наменети за наставата. Ѝ благодарам и на уредничката Љуба Манасиевска што толку многу години имаше доверба во мене и пренесувајќи ми ги убавите впечатоци и воодушевувањето на читателите на списанието, ме мотивираше да ги осмислувам рубриките и да создадам над двесте и четириесет уметничко- едукативни раскази (статии) во нив. Многу генерации ученици ги прочитале расказите преку кои ги учев и поучував, им ги претставував убавините на природата и татковината, ѝм ја пренесував љубовта кон пишаниот збор. Подоцна, направив избор од овие раскази и ги отпечатив збирките „Приказни за природата“ и „Теми и дилеми“ (римувана проза). Сепак , книгите (за разлика од списанијата) имаат трајна вредност. Со оглед на тоа што темите за коишто сум пишувала во расказите се секогаш актуелни, можно е да се отпечатат уште неколку збирки од нив, но времето ќе го покаже тоа. Особено се радувам на својот роман за деца (и за возрасни) „Рингишпил“ во кој се разработени три важни аспекти од животот: социјалниот, социолошкиот и еколошкиот, во кој главни ликови се членовите на едно ромско семејство. Слушнав, тоа бил единствен таков напишан на македонски јазик, по „Белото циганче“ од нашиот единствен и незаборавен Видое Подгорец.

Вашата последна книга со поезија е објавена предминатата година. Оваа година ја претставивте и надвор од Македонија, на поетско читање во соседна Србија. Како публиката ја прифати?

-Ви нудам мал дел од поговорот што за оваа стихозбирка го напиша ценетата и позната современа македонска поетеса и прозаист Виолета Танчева Златева, „ Да ве нема вас, зборови, душава би била пуста како нива без семе – така Љиљана Атанасова ја започнува својата поетска книга во која несебично ја отвора пред нас ризницата од своите топли и меки, заоблени, полнокрвни зборови. Со нив таа искрено и без патетика нѝ го отвора срцето и без преправање и разубавување нѝ раскажува за својот живот и светот, за деновите исполнети со тивка среќа и спокој, но и со тага натопена во солзи. Зашто животот е непрекината низа од подеми и падови, од радости и таги, од молитви, тажаленки и благодарности. Станувајќи со раскрвавени колена, а честопати и со раскрвавено срце, бришејќи ги солзите по претрпената навреда или пораз, учиме непроценливи лекции за храброста и опстојот, за достоинството и прошката, учиме како да станеме и да останеме човечни. Токму од таа негова шареноликост непринудено се создаваат трите циклуси песни собрани под заедничкиот наслов Животен реквием – „Благодарствени“, „Тажаленки“ и „Молитвени“. Стиховите од овие три циклуси се крик откорнат од душата, бунт против сите ѕидови и меѓи што нѐ делат еден од друг, против сите навреди и неправди кон ближниот и од ближниот, против сите црнила и патила што го обележуваат човековиот живот во кој „црната сенка“ куколно семе нафрла, живот во кој напати немаме „ни ноќ ни ден за спокој“. Но дали мора да биде така? Зар ние, луѓето – совршената Божја творба – само толку малку можеме, толку малку знаеме? Зар не можеме да се издигнеме над ниските страсти, над себичноста, злобата и омразата, над скукуленоста во својот мал, затворен свет? Зошто забораваме на најважните работи во животот, па дури ги сметаме и за анахрони, застарени, непотребни во ова ново, чудно, отуѓено, технолошко време? На здравјето, насмевките на блиските, на подадената рака, на тихувањето, благодарноста, молитвата…“ Да, интересно е што во последно време, сѐ повеќе имам потреба да ги излеам своите чувства во стихови за возрасни кои ги споделувам со љубителите на поезијата. Иако таква поезија сум пишувала уште во раната младост, тоа сум го чувала лично за себе. Публиката сака лесно восприемлива поезија искажана со едноставни зборови, на јазик близок до неа. Со особено задоволство и секогаш (без исклучок) во странство, каде што одам често (Србија, Црна Гора), како и во многубројните светски поетски антологии учествувам со песни исклучиво на мојот мајчин,македонски јазик. Мислам дека ние македонците имаме многу пријатели во светот , тоа многупати сум го почувствувала.
Да се навратиме во изминативе години, кај нас учествувате на бројни манифестации и освојувавте бројни награди.

Што од сето тоа најмногу Ви значи?

-Многу поетски фестивали, манифестации, награди, признанија, многу заеднички збирки, антологии, зборници. Ама, од сѐ најмногу ми значат заедничките дружби. Да знаете, поетскиот свет е многу благороден и интересен. Поздрав до сите поети во светот.

Генот за творење кај вас не е случаен. И вашиот брат е познат и признат музичар и автор.

-Да, во нашето семејство унетноста се вкоренила одамна. Мојот татко свиреше на кларинет, а мојот брат Горан Стојаноски свири на повеќе жичани музички инструменти, иако гитарата му е специјалност. Тој иако заврши сосема друго образование, цел живот се занимава со музика. Бендови, свирки, многумина наши познати естрадни ѕвезди беа чести гости во нашиот дом. Нашата куќа ечеше од музика, вежбаа, правеа проби. Речиси две децении работи во странство, а сега е во Германија. Омилен жанр му е блуз, но многупати и германската публика ја забавува со наша македонска музика која што е добро прифатена и таму. Се радувам на секој негов успех и среќна сум што имав можност да присуствувам на промоцијата на албумот од Блаж Маротов, во кој е сместен и хитот „Еј, среќо“ за кој музиката и текстот ги напиша мојот брат. Среќа е да се има брат како Горан.

Преубава песна, една од најубавите во репертоарот на популарниот Маротов. Што пишувате сега? Бидејќи работните обврски веќе се зад Вас, а со оглед на Вашето знаење не е неочекувано, дали ви напишале стручна книга, од областа на педагогијата?

-Пишувањето е дел од мојот живот и така ќе остане сѐ дури ме држи видот и умот. Имам неколку идеи и нацрт проекти за книги коишто ми се во главава, а не сум имала време да ги напишам. Во изминатиов период уживам да пишувам бајки за деца, можеби зашто во бајките сѐ е возможно. Само уште неколку да напишам и збирката ќе може да се подготвува за печатење. Пишувам и поезија, веќе имам материјал за уште две стихозбирки. Да се напише стручна книга, за секој автор и професионалец е голем предизвик. Сѐ е можно, зошто да не?! Тоа би ме направило многу среќна, но како што веќе реков, сѐ ќе се случи, ако треба да се случи, во мигот за тоа „наречен“.

Наградата од Здружението на Просветни работници претпоставувам ќе има посебно место во Вашиот плакар. Кога би раскажувале за Вашите професорски денови, а има премногу да се зборува, што е она навистина ги одбележа и е Ваш знак на препознатливост овие четири децении?

-Ова признание ми е особено драго зашто доаѓа токму во последната година од моето работење, непосредно пред моето пензионирање, и секако ќе добие видно место во мојот плакар. А во него има многу, многу спомени и фотографии од моето учителствување. Мој знак на препознатливост веројатно се трудољубивоста и упорноста. Сепак би издвоила дека тоа е љубовта кон професијата, зашто сметам дека човек најдобро го работи она што го сака. Јас никогаш немаше да бидам тоа што бев ако ја немав љубовта и довербата од моите ученици и безрезервната поддршка од нивните родители. Верувам дека беше така, зашто и јас секогаш се трудев да ги разберам нивните потреби и да им дадам безрезервна поддршка, особено во ситуации на надминување на проблеми и потешкоии кои се појавиле. Сѐ се надминува, само е потребно љубов, внимание и трпение. На човек му е потребна помош кога има тешкотија, кога е сѐ во ред тој може и сам.

За крај, која е Вашата порака до професорите денес?

-Мојата порака до професорите е да бидат упорни во остварување на целите, особено на воспитните. Онаму каде што има ред, дисциплина и почитување, има и успех. Тоа не се постигнува со строгост, ами со посветеност и голема љубов што се дава и се прима.

Валентина Ѓоргиевска Парго