Како дел од критичната инфраструктура денеска во ВИП Арената А1 во Скопје со вакцината „Спутник V“ се вакцинираат пратениците од Собранието и дел од вработените во службите во законодавниот дом.
Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека вакцинацијата на вработените во собраниските служби започнала минатата недела, а денеска продолжува со пратениците, посочувајќи дека не го знае точкиот број на пратеници кои се присутни за вакцинација.
-Јас поднесов список од 120 пратеници, секој од нив добива порака за терминот кој е предвиден и во која група е. Нивна лична одлука е кој ќе дојде, кој нема да дојде. Тоа не е одговорност на Собранието, тоа е волја на секој поединец – рече Џафери.
Џафери се надева дека по ревакцинацијата на пратениците ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и од втората половина на мај ќе се врати нормалниот начин на работа на Собранието. Тој додаде дека работата ќе се одвива со почитување на процедурите и протоколите воспоставени со одлуките и со мерките кои се преземаат од државните надлежни институции. А.Н.
