Австралиското регулаторно тело денеска одобри употреба на вакцината на„АстраЗенека“ против ковид-19, како втора вакцина одобрена во земјата.

Вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“ е претходно одобрена и ќе биде достапна во Австралија следната недела. Вакцината на Фајзер ќе се дава во две дози одвоени три недели, додека вакцината на „АстраЗенека“ исто така ќе се дава во две дози, но со разлика од 12 недели.

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека регулаторното тело заклучи дека вакцината на „АстраЗенека“ е безбедна и ефикасна.

Министерот за здравство Грег Хант рече дека вакцината на „АстраЗенека“ ќе спречи тешки заболувања од ковид-19.

За да покаже доверба во обете вакцини, премиерот Морисон ќе биде вакциниран со вакцината на „Фајзер“, а Хант со вакцината на „АстраЗенека“.

Австралија, со 26 милиони жители, порача 53,8 милиони дози од вакцината на „АстраЗенека“, од кои 50 милиони ќе бидат произведени во таа земја. Владата обезбеди и 20 милиони вакцини на „Фајзер“. А.Р.