Австриската банка „Комерзиалбанк Матерсбург“ доби наредба веднаш да престане да работи поради сомневање за фалсификување на билансот на состојба и проневера.

„Дури не се размислува за продолжување со работа на банката. Таа банка мора да биде ликвидирана“, рече претседателот на провинцијата Бургенланд, Петер Доскоцил.

Шефот на регионалната банка од провинцијата Бургенланд, Мартин Пухер, поднесе оставка по првото рочиште и поднесе пријава против себе. Висината на нанесената штета не може да се процени засега, а Установата за супервизија на финансискиот пазар (ФМА) објави дека ситуацијата е „драматична“.

Бројни компании и поединци, според Доскочил, најверојатно ќе изгубат многу пари на крајот, како резултат на фалсификување на билансот на состојба.

Провинциската влада воспостави телефонска линија на која можат да се јават сите клиенти на банката, а ангажиран е адвокат да дава бесплатни правни совети. Провинцијата Бургенланд не била погодена од колапсот на банката, бидејќи немала деловни врски со неа, додаде Доскоцил.

Сепак, компанијата за електрична енергија на Бургенланд има околу пет милиони евра на својата сметка во таа банка.

„Претпоставувам дека нема да има пари“, рече Доскоцил.

ФМА посочува дека депозитите до 100.000 евра по лице се осигурани и дека граѓаните не треба да се плашат до таа сума.

При прегледот на банката, откриена е сериозна измама, бидејќи билансот на состојба секоја година се „фризирал“, така што бил прикажан биланс од околу 800 милиони евра. За да спречи нереди во банката, ФМА нареди затворање на сите девет филијали и седиште.

Од затворањето на банката најсилно погодена е регионалната економија и општините, кои имаа жиро-сметки таму. А.Н.