Со поздравен говор на Претседателот на АКК Драган Велјановски и директорот на Кинотека на Република Северна Македонија Владимир Ангелов, синоќа почна дводневното чествување на 60 годишниот јубилеј на Академскиот кино клуб Скопје. Беа прикажани повеќе кратки филмови и снимки а и вечерва, 26 октомври, од 20 часот ќе бидат прикажани 90 едноминутни филмови. Клубот АКК е формиран во далечната 1959 година, кога 12 млади луѓе, студенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одлучуваат да го основаат Академскиот кино клуб. Овие филмски сонувачи, шетајќи по кејот на Вардар, капејќи се во него и во реката Треска (и на базенот во Сарај), ги снимија своите први филмови, искажувајќи ја својата страст кон животот и филмската уметност. Во Скопје, тогаш, воздухот мирисал на липи, велат тие.

Оттогаш, низ клубот поминале многу вљубеници во филмот, оставајќи зад себе мали ремек дела. Сите тие, филмски ентузијасти, делеле една заедничка љубов кон седмата уметност. Со својата енергична филмска активност, покрај создавањето филмови, членовите на клубот создадоа и филмски фестивал, со завидно учество на автори од целиот свет. Фестивалот се викал ОСФАФ, и истиот дочека дури 22 изданија.

-Денес клубот нема повеќе свои простории, воздухот во Скопје мириса на се, само не на липи, низ Вардар и Треска тече вода, само не бистра како некогаш, на базенот во Сарај нема капење, а и ОСФАФ повеќе го нема… Меѓутоа, нешто уште постои, а тоа е Академскиот кино клуб и неговите активни членови, кои сè уште прават свои филмови во какви-такви услови и го делат истиот филмски ентузијазам и љубов кон седмата уметност како некогаш, велат од клубот.

По повод 60 годишнината од основањето на Академскиот кино клуб синоќа беше прикажан првиот филм на членовите на клубот снимен во 1959 година со наслов „Прв давам камче“, како и повеќе кратки филмови направени од различни генерации филмски ентузијасти и кино аматери, кои биле, или сè уште се дел од најстариот кино клуб во Македонија.

Вечерва, 26 олтомври, од 20 часот на ред е филмското пријателство со ГФР ФИЛМ-ВИДЕО КЛУБ Пожега, Хрватска и АКК-Скопје.

Ќе следува и ревија на 90 едноминутни хрватски филмови од хрватскиот фестивал на едноминутни филмови кој постои од 1993 година.  Соработката меѓу филмскиот клуб ГФР ФИЛМ-ВИДЕО од Пожега, Хрватска и Академскиот кино клуб од Скопје, Македонија е повеќедецениска. Долгогодишнотопријателство помеѓу двата клуба започнува уште во деведесетите години, кога членовите на АКК-Скопје започнуваат со учество на Хрватската ревија на едноминутни филмови – филмски фестивал единствен по својот карактер, со веќе потврдено светско реноме, кој членовите на ГФР филм-видео го организираат секоја година во градот Пожега во Хрватска. Подоцна, членовите на филмскиот клуб од Пожега, учествуваа и на Интернационалниот филмски фестивал – ОСФАФ во Скопје, кој за жал, повеќе не се одржува. Меѓусебно, членовите на двата клуба отсекогаш работеле во размената на информации, филмови и жири комисии, со заемно учество на филмски фестивали низ светот. Пријателство помеѓу двата клуба е пропратено со низа гостувања на филмски настани и фестивали, како во Пожега, така и во Скопје.Во чест на јубилејното 60 годишно постоење на Академскиот кино клуб и долгогодишното пријателство помеѓу двата клуба, членовите на ГФР филм-видео клубот од Пожега ќе презентираат филмска селекција направена од нивниот Хрватски фестивал за едноминутни филмови (Hrvatski Festival Jednominutnih Filmova) кој од 1993 година се одржува во градот Пожега во Хрватска. Влезот е бесплатен.