Тафталиџе шафл, нов албум на Влатко Стефановски Фото: crorec.net

Албумот на Влатко Стефановски – „Тафталиџе шафл“ е меѓу 25 номинирани албуми од сите делови на Европа, кои беа избрани и оваа година од членовите на РУНДА – Регионално здружение на независни дискографи, во трка  за најдобар албум на единаесеттото издание на Импалина.

„Оваа година на списокот има 25 врвни албуми! Ова е одличен начин да се посочат одлични музичари кои доаѓаат од различни делови на Европа. 2020 година беше тешка година, но оваа листа на номинирани е ветер во грб за добар почеток на 2021 година! “ – вели извршната директорка на Импалина, Хелен Смит, со објавата на листата на номинирани.

25-те номинирани албуми носат различни музички стилови, од фински поп до француска електроника, преку балканска ска музика, дански блуз, до еклектичен музички израз на номинираните британски изведувачи.

Новото студиско издание на македонскиот виртуоз „Тафталиџе шафл“, е објавено за дискографската куќа „Croatia Records“,а 9-те песни се снимени во неговото студио „Езотерија“. Влатко, како и многумина досега, го посвети овој албум на своето Скопје и областа Тафталиџе, што има посебно место во неговото срце. Песните се крајно интимни и лични, а сепак толку блиски до сите, токму поради сензибилитетот што го носи неговата музика. Авторството на музиката, текстот и аранжманите, како и продукцијата на сите 9 броја, ги потпишува Влатко. А.Р.