Името на Александар Ампевски скопската телевизиска публика го препознава како име на снимател на Тв МТМ. Деновиве Тој како режисер потпишува музички спот “Љуби ме до мрак”. 
*Александар, Вашето прво режисерско првенче е ТВ спот за песната “Љуби ме до мрак”. На почеток, кажете ни за каков спот станува збор?
-Објавен е спотот деновиве и многу ми е мило. Станува збор за видео кое во самата основа е поразлично од другите. За песна од новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго. Познато во јавност е веќе дека таа своето хоби и љубов кон музиката и на ваков начин ја претвора во една општа позитивна енергија. Бев одушевен кога ме покани јас да бидам режисер на оваа навистина прекрасна песна, на авторот Владо Ѓоргиевски и текстописецот Цане Трајчевски. Таа инсистираше да го снимам и режирам спотот, малку се колебав на почеток. 
*На база на што се случи таа покана? 
-Поканата ја добив поради тоа што во наша неформална комуникација  и пратив некои мои видео изработки кои ги правев за себе во последниов период и многу и се допаднаа. Се дообучував онлајн за режија, но немав храброст. Ме убеди дека треба да се обидам како режисер и јавно, секако со соодветна дообука, што планирам да ја направам. Верувам во нејзината проценка. Но, мора да напоменам, нашата професионална релација е поставена веќе дваесеттина години пред тоа. Валентина како новинарка беше честа гостинка во МТМ телевизија каде јас работев. Таа има голема почит кон локалните медиуми и со неа го делиме мислењето дека локалните телевизии најмногу придонесоаа за поголема демократија, за создавање на поразновидна сцена и откривање и создавање на повеќе ѕвезди. Многу познати личности немаше  да бидат познати ако не беше поддршката токму од локалните телевизии. Таму почнале да и се претставуваат на публиката. А Валентина како новинар посвети две децении во активно пишување текстови и интервјуа во дневните весници “Нова Македонија” и “Вечер”  за тв лицата, ги знае тајните на телевизискиот занает, од кој дел бев и јас. Во секој случај, задоволството од поканата беше обострано.
*Спотот каде се снимаше? Какви ви се искуствата од снимањата? 
-Се снимаше два дена и тоа првиот ден со Валентина на Средно Водно, каде се одеше на варијанта на минимализам и прикажување на природата и сето волшепство на Водно. Како една обична прошетка, а минувачите аплаудираа на песната. Хитовска е, навистина. Второто снимање беше по една недела, со Филип Медарски и Ивана Лазова, вљубена двојка. Со нив снимавме на неколку локации, на Средно Водно, во Градски парк и навечер во центарот на Скопје, на неколку локации- покрај Кејот на реката Вардар, Камениот мост.
*Како се снајде двојката со глума?
– Двојката се снајде изненадувачко добро, супер. Наидов на целосно разбирање од нивна страна, и на трпение. Замислете, се уште беше топло а во таа моторџиска облека дури и ми беше жал што истрпеа толку. Си беа ептен послушни и разбрани, го сфатија сето она што го замислив дури и од нивна страна имаш сугестии за неколку кадри, тие самите ми ги покажаа, затоа што Филип ја познава оваа професија. Да дополнам дека тој е прекрасна личност, другар и колега, во оваа бранша е и тој, работи како фотограф. Така што, се вклопија сите работи. Добро се снајде и како актер во спотот. Додека Ивана, неговата љубов, не ја познавав, но кога ја видов покрај него знаев дека има нешто добро и во неа, дека ќе се снајде и таа. Тогаш ми кажа дека имала снимано една реклама пред тоа. За оваа двојка се најдобро можам да кажам, прекрасни личности, ми направија чест што одвоија време за нас.
*Лесно ли беше да се постави концептот, сценариото за снимање? 
-Валентина имаше една идеја и искрено на почеток се сомневаше дека присуство на двојка ќе го оптовари. Ми рече “Песната е толку убава како песна, ја промовирав на Македонско радио- Радио два во емисија кај Рашела Гинова Каранфиловски и уредникот Зоран Мирчевски, доби најголеми комплименти од уредници, пријатели, рокери, не би сакала со видеото да ја фрлам во втор план. Особено ако младите се убави, ќе ја засенат. И ако ги ставаш, стави ги незабележително во неколку кадри”. Но кога почнавме да снимаме ми даде одврзани раце, јас да правам како замислувам. Претходно дури и додека барав луѓе неколкумина ме одбија, но еве за среќа Ивана и Филип ни го надополнија убавото и интересното за овој спот, кој го гледаме. Дадоа таква свежина и “повик на љубов”, природна, чиста, искрена, каква што доликува. Среќен сум што и Валентина е многу задоволна.
*Интересно. Забележливо е дека ова видео нема вложувања, нема голема екипа, но е со одлична порака. 
-Секој спот, односно секоја Тв изработка мора да има порака и да повика на нешто, во овој случај кога и ја кажав на Валентина мојата замисла со двајца прекрасни моторџии, ми рече да ставиме акцент на возењето и ја сугерираше пораката “Биди фраер, намали брзина, вози лезетски”. Тука веќе, се е кажано. 
*Ова е ваше прво режисерско остварување. Кога кај вас се јави желба за режија, по години поминати како снимател?
-Желбата за режија кај мене се јави кога почнав и се вклопив како колега во прекрасната МТМ во која доживеав многу радости и стекнав искуство покрај моите колеги кои ме научија на многу работи за снимање. Додека работев таму сретнав прекрасни и фини личности кои ме прифатија како колега, ме подучија тоа што не го знаев, и ден денес колегите од таа екипа се уште ми недостигаат. Од сопственик, до директор, до вработени, колеги бевме како едно семејство која јас така си ја нарекував “Фамилија МТМ” . Таму имав повеќе функции и така се створи една љубов кон телевизијата воопшто, каде работев од снимање, монтажа, реализација. И сето тоа го вклопив во мене и така почнав сам некако да ги реализирам овие работи. Со голема желба и љубов. Но, секогаш треба да се надополнуваш, никогаш да не се откажеш, затоа што секогаш има новитети кои мора да ги совладаш. А покрај тоа и треба да се вложи нешто од џеб. Сите што го работат ова знаат колку е потребно да се вложи труд, нерви и пари. Така што секој од оваа струка, кој ќе го прочита ова интервју, ќе се препознае. Ова е битна работа и со одговорност.
*За вашите искуства како снимател, на Тв, но и на приватни настани, сигурна сум и вие имате многу да ни кажете. Ја сакате ли таа работа?
-Како што реков во моето претходно искажување, оваа професија е многу интересна, забавна со која можеш и да заработиш, но сега зависи во што и како ќе се определиш затоа што има многу можности кои ги дава таа, телевизија, филм, спотови…Да не грешам, но многу малку се зборува за луѓето што ги реализираат овие работи, затоа што тие се зад секој проект треба малку повеќе да се воздигнат. Не зборувам за мене, туку навистина има многу добри луѓе што ја знаат оваа професија многу, многу подобро и од мене.
*Кои беа вашите најсреќни моменти и средби кога работевте во Тв МТМ? 
– Кога снимавме во студио и на терен, од различни емисии до новогодишни снимања во кои беа поканети многу луѓе од естрадата, како од забавната така и од народната.
*Вреди ли да се биде професионален снимател во медиум денес, кога веќе секој има камера на мобилниот и може се да сними наоколу?
-Јас се уште се сметам за аматер, иако сум и ме нарекуваат професионален снимател ха ха ха. Повеќе од десеттина години поминав активно со камера. Е сега дали вреди да се биде професионален снимател зависи, секој може да си каже за себе, па така не можам да одговорам на ова прашање генерално. За себе знам дека ме привлекува и тоа е сосема доволен мотив да фатам камера во раце. Нема да откријам колку илјади евра вложив, можеби ќе прочитаат моите ха ха ха. Од друга страна, денес знаеме е напредната технологијата, секој може да сними снимка и со обична камера. И квалитетот да е добар. Но одговорноста е иста. Секоја снимка со самото снимање станува архива. И не знаеш еден ден каква вредност би имала таа снимка. Но за да се биде професионален снимател квалитетот мора, без размислување, да е најдобар. Затоа вложувањата се големи. Снимаш и оставаш нешто вредно.
*Кога сме кај ова прашање, ве привлекува ли докуметаристиката како жанр?
-Да, ме привлекува документаристика но се си бара свое време. Сега, како семеен човек и татко на малолетна ќерка искрено речено нема време, документаристиката е можеби и најзначајна, привлечна, но бара да и се посветиш целосно и со сите ресурси.
*Ќе продолжите и натаму зад камера? По спотот, навлегувате и во полето на режијата. Какви се вашите идни желби и амбиции?
-Знаете, сега поминуваме низ фаза во која не знам дали е паметно да се планира било што. Нека помине овој период, нека ни се разбистрат мислите и плановите во глава. Ќе речам-Животот како ќе не води, така. Се надевам ќе продолжам уште подобро во овие сфери. И, Ви благодарам од срце за ова интервју. Ви посакувам што повеќе интервју во новата 2021 година и само успеси!