четврток, април 25, 2024
домаЖивотСценаАЛЕКСАНДАР МАСЕВСКИ: Бесценето и многу инспиративно е чувството кога се работи со...

АЛЕКСАНДАР МАСЕВСКИ: Бесценето и многу инспиративно е чувството кога се работи со малите чисти души!

На 26 ноември на сцената во Тбилиси, Македонија ќе биде претставена на Детската Евровизија 2017 од Мина Блажев. Вие сте автор на песната „DANCING THROUGH LIFE“. Како дојде до оваа соработка?

-МРТ, Мина и нејзините родители се иницијатори на нашата соработка. Веројатно, задоволството од песната што ја направив за минатогодишниот јуниорски евросонг ги натерало да размислуваат во правец на соработка со мене. Инаку идејата за песната преточена во нејзиниот наслов ја даде мојата сопруга Билјана. Всушност “Dancing through life” или “Со танц низ животот” е мотото на нејзиното балетско училиште. Сите сметавме дека ова е силна, позитивна порака за децата и тинејџерите кои многу набрзо ќе мораат да се соочат со предизвиците што ќе им ги сервира животот. Во овој смисол пораката е дека тие предизвици какви и да се, би требало да се поминуваат и надминуваат со леснотија што потсетува на танц поткрепен со многу работа, љубов и толеранција.

Според правилата сега, автор на детската песна може да биде и возрасен композитор, иако пред тоа мораше да бидат деца и тинејџери, до одредена возраст. Сметате дека оваа варијатна е подобра за создавање подобри претставнички песни или и децата изненадуваа со својата музичка креативност?

 

-Децата секако изненадуваа со својата креативност, но Јуниорскиот Евросонг е сериозен фестивал кој не може и не смее да се ослонува на случајности. Сепак децата го немаат искуството и знаењето сами да испорачаат професионално изработен продукт. Фактот дека секогаш во создавањето на сите песни претставнички на сите земји учеснички на овој фестивал до сега, учествувале и возрасни професионалци, веројатно е и тригер за промената на пропозициите во кои се дозволува песната целосно да биде искреирана и изработена од возрасен автор. Секако дека оваа промена има свои позитивни, но и свои негативни страни.

Колку члена брои екипата и кога заминувате за Тбилиси?

-Овојпат екипата брои 5 члена, а за Тбилиси заминуваме на 19-ти Ноември.

Песната ја потпишувате целосно. Како се одлучивте на оваа варијанта, заедно до делегацијата од МТВ?

-Па, пред се Мина сакаше да има песна со интернационален призвук. Тоа според музиката што таа ја слуша секојдневно, а за модерен израз се изјасни и делегацијата од МТВ. Но, на некој начин токму затоа и ми се обратија мене. Тие знаат со каков саунд и креативен пристап се карактеризира моето творештво и затоа ми ја дадоа својата комплетна доверба. Јас сакав да направам нешто што досега како стил не сме го имале ниту на јуниорската, а ниту на големата Евровизија. Мислам дека успешно ја завршив својата мисија на задоволство на сите инволвирани страни.

Имаше ли некоја посебна причина зошто МТВ се одлучи на интерен избор, а не на ибор преку јавен конкурс и фестивал?

-Не знам дали имало посебна причина за тоа, но според мене, а ова сум го кажал многу пати до сега, интерниот избор кај нас е најбезболната солуција. Ова го мислам за големата и за малата Евровизија. Поаѓајќи од фактот дека кога изборот би бил преку фестивал, а вие како новинар тоа многу добро го знаете, би имало толку нечиста игра токму од страна на различните тимови учесници на фестивалот кои се спремни да направат се само нивната песна да ја претставува земјата, тогаш мислам дека кај нас принципот на интерен избор е најдобрата варијанта. Ниту непотребно се разбранува јавноста со неизбежните скандали отпосле, а ниту пак креативците трошат креативна енергија, време и средства на однапред изгубена битка каде победува се освен најдобрата песна.

Неколку пати сте биле застапен на Евроивзиија, со Тоше како аранжер и придружен вокал, а на детска Евровизија минатата година бевте комплетен автор на песната што ја исеа Мартија Станојковиќ. Како гледате на Евровизијата, само како на фестивал, или нешто повеќе?

-Видете, Евровизијата е фестивал. Нема ни простор да гледам на друг начин на неа. Разликата со локалните фестивали се разбира е тоа што на Евровизијата се натпреваруват земјите меѓу себе, што носи поголема одговорност и затоа и се придава поголемо значење. Болната вистина удира тогаш кога ќе се соочиме со фактот дека за жал, за нашите артисти и автори таа претставува единствено реално претставување надвор од нашите граници. Уште е поболна вистината кога на ова ќе додадеме дека Евровизијата повеќе од 3 децении не е релевантен фактор во светот на музиката… ама буквално ниеден нејзин победник во последниве 30-тина години не станал светска или европска ѕвезда. Ниедна нејзина победничка песна не била на бр.1 на актуелните и релевантни светски топ листи. Оттаму советувам порелаксиран пристап кон овој ивент кој всушност нема толкава важност, а кој можеби еден ден ќе не изненади со пласман за гордеење.

Со Мартија очекувавте поголем успех, но не се случи. Какви се Вашите очекувања овој пат?

-Со Мартија се потврди мојата теорија за тоа дека Евровизијата е непредвидлив фестивал и дека гаранции за добар пласман нема, па дури и како во нашиот случај, кога сме на број 1 според прегледи, лајкови и коментари на јутуб до пред самиот почеток на фестивалот. И сето тоа во момент кога дома не можевме да ја промовираме песната поради забраната за емитување музика од домашни автори. Според тоа, а овде мислам дека можам да зборувам во името на целиот тим, немаме никакви очекувања. Ние знаеме дека имаме добар продукт, а дополнителен доказ за тоа ни се повторно прегледите на јутуб како и коментарите под видеото кои во огромно мнозинство се многу позитивни и зборуваат во суперлатив за песната и за Мина. Дали оваа позитивност и наклонетост ќе се рефлектира во финалниот пласман, ќе видиме подоцна.

Што значи да се биде композитор на детски песни? Дали тоа го правите само наменски, како овој пат, или имате и поширока инспирација, покрената од вашето секојдневие?

-Детските песни се специфични особено од аспект на пораката што му се пренесува на детето преку текстот на песната. Јас имам напишано и 40-ттина детски песни во соработка со Супер Ѕвезда на Дарко Мијалковски. Но, најважно е дека чувството кога се работи со малите чисти души е бесценето и многу инспиративно. Песните што ги направив за Јуниорскиот Евросонг се далеку од детски. Денеска децата слушаат сериозни поп песни што се вртат на светските топ листи и сакаат да пејат токму такви песни. Единствената разлика е во тоа што мора да се внимава на содржината на текстот затоа што нели, изведувачите се сеуште деца или тинејџери. На Јуниорската Еврвизија има песни, меѓу кои што спаѓат и моите, кои слободно можете да ги ставите во големата Евровизија. Но, тоа го диктира текот на времето и музичките трендови и гледано од денешен аспект е сосема нормално.

Компонирате музика за забавни песни, последниве години многу од нив добија субвенции. Многу разни дилеми се поставија во јавност, околу субвенциите. Би го прескокнала тоа, но би поставила прашање- може ли музиката и инспирацијата да се сведе на „проект“?

-Па ако мислите на “проект” само од аспект на заработка на пари, па дај сега да направиме нешто само за да не ни побегне заработката, тогаш мојот одговор би бил негативен. Не може музиката и инспирацијата да дојдат со сила или по нарачка. Но, од аспект на конципиран проект кој добива можност за заработка, тогаш секако дека може. Да не заборавиме… авторите (ова го зборувам за себе и за добар дел од моите колеги) работат континуирано и константно прибираат идеи инспирирани од многу нешта, но не и од пари. Значи многу често се работи за чиста инспирација кога настануваат самите песни. Е сега сосема е логично дека ако им се пружи прилика тие ќе го наплатат (и треба да го наплатат) својот вложен креативен труд, како и просторот и времето потребни за реализација на песната.

Кога станува збор за вас како музичар, најпрво работевте во Холандија, каде почнавте да се зманимавате активно со музика. Споредено со македонската продукција, дали се доближуваме кон европските стандарди?

-Гледано од аспект на саунд и стил неколкумина композитори/продуценти, постари и помлади се доближуваат до европските стандарди.Но, ако зборуваме од аспект на издаваштво и продажба тогаш можам да кажам дека разликата е енормна. Кај нив има безброј издавачки куќи кои се потенцијални клиенти на композиторите и продуцентите. Тие ги плаќаат сите продукциски, промотивни и маркетиншки услуги за продуктот што го купиле, продуктот во кој веруваат дека може да успее. Сите композитори и продуценти во бизнисот секогаш го даваат својот максимум што е предуслов за успешната продажва на проектот/песната на некоја од издавачките куќи. Затоа што конкуренцијата е многу голема, ни доаѓаат толку многу добри артисти и песни токму од западната цивилизација. Кај нас нема издавачки куќи, нема спонзори, нема пазар, нема ништо… нема ни поддршка, а ниту интерес за македонската музика од страна на медиумите (чест на искључоци). Добро е што има и толку македонска музика колку што има, зошто ако ситуацијата наскоро не се промени, нема да биде чудно и ако комплетно ја снема.

Вашиот татко Димитар Масевски е еден од легендите на македонската забавна песна.Какво е чувството да се носи толку славното презиме? Што ви остава најмногу впечаток од неговото творештво, иако знам дека не е лесно да се направи избор?

-Знаете славното презиме не значи ништо ако личноста/наследникот што го носи, преку својата работа, дела, успеси, морални и етички норми не го оправдува истото. Само тогаш е направен балансот меѓу “товарот” што како наследник треба да го носиш и реалното чувство за неговата тежина. Можеби ќе звучи нескромно, но јас не чувствувам никаква тежина, презимето си го носам природно со леснотија. Татко ми има повеќе песни што многу ми се допаѓаат, но еве да споменам една: “Бела птица” во изведба на Диме Поповски.

Лично вие, која своја песна ја сметате за најголем хит досега?

-Има повеќе такви да речам слушани/експлоатирани песни и малку е неблагодарно сега да издвојувам само една, но еве да речеме дека “Сино” во изведба на Тамара Тодевска е нешто што ќе остане за повеќе генерации.

Во што во иднина ќе ја врамите вашата авторска работа? Што подготвувате како композитор?

-Има многу нови проекти… нови песни за: Мартија, Нина Јанева, Горан Папаз, Калина Велковска – Кали, Сања Лефкова и некои проекти надвор од земјава за кои ќе информирам кога целосно ќе се остварат.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ