Полицискиот час го инспирираше познатиот автор и пејач Александар Митевски, да напише некои сеќавања од неговата кариера Така, синоќа, 13 март, ја раскажа приказната за песната “Сите сме нивни деца”, под наслов “Срце ширум отвори, нек ги штитат ангели” :

-Ова е приказна за една песна, помалку запоставена или заборавена, која се направи во 2005 година за потребите на хуманитарната кампања “Сите сме нивни деца” на тогашен Космофон и Црвениот Крст на Град Скопје. Се правеше голема хумана акција за собирање средства за обнова на домовите за стари лица.

На иницијатива на Дарио и маркетинг одделот на Космофон во кој тој работеше, се осмисли ваква акција во која преку песна ги инспириравме луѓето да донираат за обнова на домовите за стари лица. Предводени од нашиот најпопуларен пејач Тоше Проески, потоа Дарио, Тамара, Биба Додева, Кристина Арнаудова, Бени Шаќири, Маја Панчева и јас.

Мене ми припадна честа и одговорноста да напишам балада, песна која ќе ја пееме сите заедно. И тоа за многу краток период, само неколку денови. Барем јас, најдобро работам и најубавите идеи ми излегуваат кога имам таков предизвик и рок, посебно што правевме една убава мисија и беа собрани толку добри вокали и имиња.

Седнав на клавир, во моето тогашно студио во Лисиче и зборовите и нотите сами течеа. Сакав да има моќни пораки, да има големи зборови и да ги допре срцата на сите. Мислам дека успеавме во тоа. 

Тоше прв дојде во студио, ги отпеа неговите делови. Ангелски, емотивно, вонсериски… Се надоврзаа сите по ред, во нивни стил и го извадија најдоброто од себе, а јас се трудев секому да му го најдам вистинското парче каде што ќе биде свој. Кога си отидоа сите, ја составив песната и сам ја преслушував. Бев сигурен дека е ова таа балада која го допира срцето и ќе звучи актуелно кога и да се пушти, како на пример денес, после 16 години оттогаш.

Денес е време на пандемија. Депресија. Исплашени и затворени луѓе. Баби и дедовци со внучиња кои не ги виделе и гушнале. Скриена тага, свиена болка. Секој собира во себе и се труди да го помине денот. А највеќе на удар и најранливи се токму – СТАРИТЕ ЛИЦА. Обидете се сега од оваа перспектива, да затворите очи и да ја преслушате повторно песната и да помислите денес на старите лица. Вашите мајки, баби, дедовци, татковци, чичковски, тетки, луѓе во поодминати години.

Дали се тоа истите ангели кои треба и денес да ги штитат? Дали постои такво нешто? И кој треба да ги штити од оваа вештерка која лета околу планетата?

Пораката е иста. Зборовите се наредени како војници и во овој денешен свет.

Споделете ја оваа песна, затоа што здравствените работници тоа секојдневно го мислат и кажуваат, а еве ние и го отпеавме.

Би апелирал и би пратил порака до младите, оние за кои се вели дека лесно го поминуваат и го шират вирусот – да бидат одговорни, да размислат на своето однесување кое може да донесе зло за нивните родители, баби и дедовци. Затоа што СИТЕ СМЕ НИВНИ ДЕЦА.

Чувајте се!