Песната со заразен хитовски ритам, „Луд сум по тебе“ на Александар Тарабунов, објавена минатата година, деновиве доби и видео запис, кој во една елегантна атмосфера во „Парк“ беше промовиран пред негови колеги, пријатели и соработници. Водителот Ненад Ѓеоргиевски, на промоцијата им даде збор на ѕвездата на вечерта Алескандар Тарабунов, на авторот на песната Роберт Билбилов, и на авторот на спотот Зоран Зонде Стојановски.

„Луд сум по тебе“ е комплетно дело на Роберт Билбилов, а за саксофонот се погрижи Валентин Видовиќ. Спотот е сниман на 22 март во МОБ, со балерината Мила Ниновска и балетанот Ендру Кук, а според изјавите на поп пејачот, во текот на снимањето владеело опуштена и забавна атмосфера, додека на целиот спот работеле 30-тина луѓе .

Во ресторанот „Фор“ (хотел „Парк“), се уживаше во вино, мезе и убавата песна, а меѓу гостите, се разбира неговиот татко познатиот кантавтор Ванчо Тарабунов, Викторија Лоба, Тијана, и други познати естрадни личности, а славеникот имаше среќа да добие лична честитка од славниот режисер Милчо Манчевски кој издвои време „ан пасан“ да сврати на промоцијата, за време на свој состанок во овој луксузен ресторан.